Денес во Нови Сад се одбележуваат шест месеци од падот на настрешницата на влезот од Железничката станица, при што загинаа 16 лица, а едно лице со тешки повреди сè уште е хоспитализирано, пренесува Н1.
Студентите кои го блокираат Универзитетот во Нови Сад ги повикаа граѓаните да се соберат пред станицата за да им оддадат почит на жртвите точно во 11:52 часот.
„Не ги забораваме жртвите на падот на настрешницата во Нови Сад. Тој настан, кој е последица на негрижа, неодговорност и институционална запуштеност, однесе животи и остави семејства и заедницата во болка и со прашања на кои сè уште нема одговори“, порачаа студентите од Нови Сад.
По оддавањето на почит, присутните ќе се упатат во колона по Булеварот на ослободувањето до Мостот на слободата, кој ќе биде блокиран неколку часа. На првомајниот протест повика и Академската мрежа „Слободен универзитет Нови Сад“.
„Време е за правда, време е за одговорност! Сметаме на вашата поддршка“, се наведува во повикот. За одбележување на трагичниот настан од пред половина година повикаа и граѓаните собрани во Зборовите на Нови Сад, под паролата „НС пумпа“.
Тие ќе тргнат во поворки од три правци кон Железничката станица, каде што ќе им се приклучат на студентите и другите граѓани. Планот е да се тргне од три локации, а во текот на маршот да се приклучуваат граѓани пред своите месни заедници. Сите колони од различни делови на градот ќе се сретнат на Булеварот на ослободувањето, а потоа ќе се упатат кон Железничката станица.
Првата колона ќе тргне од Футошки пат во 9:15 часот. Колоната од Лиман, според најавите, треба да тргне во 9:45, а од Ново Насеље во 10:15.