Новинарите спонтано се собраа пред Народното собрание на Република Српска во Бања Лука, каде што протестираа против најавената криминализација на клеветата во тој ентитет во Босна и Херцеговина, пренесе РСЕ.
Во знак на протест тие залепија ленти преку устите и кршеа моливи и пенкала.
Протестот се одржува пред почетокот на собраниската расправа за предложените измени на Кривичниот законик на Република Српска, со кои се предвидуваат големи парични казни за клевета.
„Пишувањето вести ќе биде невозможна мисија, истражувачкото новинарство веќе нема да постои и секој граѓанин тоа ќе го почувствува на своја кожа“, порача претседателот на Клубот на новинари на Бања Лука, Синиша Вукелиќ.
Тој додаде дека новинарите се собрале пред Собранието да апелираат до пратениците да гласаат против криминализација на клеветата и да гласаат според сопствена совест, а не според партиска припадност.
Новинарот Владимир Шушак рече дека предложените измени се чекор назад и пораз на целото општество.
Пратеникот Владо Ѓајиќ од владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи рече дека во оваа област треба да се направи ред, но не премногу ригорозно.
„Мора да се воведе ред, за други деца да не го преживуваат тоа што моите деца го преживеаја. Моите деца преживеаја пекол. Некој од новинарите напишал дека сум наркоман, иако знаеле дека не сум и 12 портали тоа го пренеле“, рече Ѓајиќ.
Досега пропаднаа сите апели на новинарите, медиумите и меѓународните организации до властите да се откажат од таквото законско решение, кое, според нив, ги загрозува медиумските слободи.
Властите на Република Српска предложија измени на Кривичниот законик на овој ентитет, со кои се воведуваат кривични дела против честа и угледот, кривични дека клевета и навреда, како и изнесување на лични податоци и прилики.