По силното невреме што ја зафати Србија во текот на ноќта, Републичкиот хидрометеоролошки завод издаде ново предупредување за денеска, пишува N1.
Областа од Алпите, преку Западен Балкан и Србија до регионот на Карпатите и денеска ја очекува силна активност со грмотевици, објавено е на веб-страницата на РХМЗ.
Развојот локално ќе биде многу силен и брз (ќе се движи од запад-северозапад кон исток) со понекогаш голем град, краткотрајни силни налети на ветрови и изолирани налети на ветер слични на урагани.
Тешко е однапред да се одреди точната локација на почетокот, движењето и сериозноста на непогодите, но поголема е веројатноста за појава во доцните попладневни и вечерни часови во северниот, западниот, централниот и источниот дел на Србија, наведува РХМЗ.
Словенечката агенција за животна средина (Арсо) денеска издаде портокалово предупредување за невреме во цела Словенија, во периодот од 14 до 23 часот. Според Арсо, можна е силна бура, со град и налети на ветер. И Хрватскиот хидрометеролошки завод утрово, исто така, објави портокалово предупредување за невреме со грмотевици за речиси цела држава. Исклучок се Книнскиот и Дубровничкиот регион, за кои поради топлотниот бран е издадено портокалово предупредување. ДХМЗ објави дека попладнево и приквечер можна е локална појава на грмежи пропратена со силен ветер и обилни врнежи. Најголема веројатност за грмежи ќе има во подрачјето на Осиек.