Од министерка во владата на Хашим Тачи и пратеничка на ПДК, до кандидатка предложена од Самоопределување на Албин Курти. Јустина Широка-Пула, економистка, професорка и академик, е новата претседателка на Косово, избрана со 81 глас во Собранието.
Широка-Пула е родена во 1953 година во Приштина. Дипломирала на Економскиот факултет во Приштина во 1976 година, а постдипломските студии по теорија и политика на економскиот развој ги продолжила во Загреб. По дипломирањето кратко работела во Народната банка на Косово, пред во 1978 година да ја започне академската кариера на Универзитетот во Приштина.
На Економскиот факултет почнала како асистентка, а во 2004 година станала редовна професорка. Била раководителка на Одделот за менаџмент и информатика, членка на Сенатот и на Управниот одбор на Универзитетот во Приштина, а дел од академското усовршување го поминала и на универзитетите во Линц и Аризона.
Но нејзината биографија не е само академска. Од 2008 до 2011 година била министерка за енергетика и рударство во владата на Хашим Тачи, а од 2011 до 2014 година пратеничка во Собранието од редовите на Демократската партија на Косово, ПДК.
Токму затоа нејзиниот избор има интересна политичка симболика. Поранешната функционерка на ПДК за претседателка овојпат беше предложена од Албин Курти, откако претходно не беше постигнат договор за други кандидати. Нејзиното име на крајот стана дел од политичкиот договор што овозможи избор на претседател и го спаси Косово од уште едни предвремени парламентарни избори.
Последните години Широка-Пула повторно беше пред сè во академските кругови. Во 2016 година стана дописна, а во 2020 редовна членка на Академијата на науките и уметностите на Косово. Во декември 2025 година стана првата жена избрана на чело на Академијата.
Со изборот за шеф на државата, Широка-Пула стана и третата жена претседател на Косово, по Атифете Јахјага и Вјоса Османи.
Нејзиното име се појави како решение во последните часови од рокот за избор на претседател. Со 81 глас, само еден над потребниот праг, Широка-Пула беше избрана во првиот круг и ја презеде функцијата во момент кога неуспехот да се избере претседател ќе значеше распуштање на Собранието и нови избори.
По положувањето на заклетвата, Широка-Пула порача дека ќе биде „претседателка на сите граѓани“ и дека меѓу нејзините приоритети ќе бидат единството, развојот, зајакнувањето на институциите и евроатлантската ориентација на Косово.

