Опасни времиња за новинарите во Србија, реагираше и ОБСЕ

Mисијата на ОБСЕ во Србија и претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Јан Брату, се длабоко загрижени поради неодамнешните закани со смрт против новинарите на „Н1“ ТВ, објавија на официјалниот профил на Мисијата, пренесува „Н1“.

„Ја поздравуваме брзата реакција на српската полиција и обвинителство во истрагата за овие закани, согласно обврските на Србија од одлуката на Министерскиот совет на ОБСЕ од 2018 година за безбедноста на новинарите“, се наведува во соопштението.

Според Брату, oва е само еден од многуте инциденти во последните неколку недели и месеци насочени кон новинарите и медиумите во Србија.

„Сите случаи треба да бидат истражени, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Разликите во мислењата никогаш не треба да се користат за оправдување на закани, вознемирување или насилство“, рече тој.

Одговорните во телевизијата „Н1“ неодамна испратија официјално писмо до сите надлежни институции на Европската Унија и меѓународни организации кои се занимаваат со заштита на новинарите и слободата на медиумите, во кое информираше за драматичната ескалација на заканите и државните кампањи за заплашување насочени против новинарите и редакцијата на „Н1“ во Србија.

Преземено од Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен