Во Косово може да се одржат нови избори во општините со мнозинско српско население, погодени од протести, доколку 20 отсто од гласачите потпишат петиција со која бараат избори, јавија денеска косовските медиуми пренесувајќи делови од интервју на косовската претседателка Вјоса Османи за Ројтерс.
Османи рече дека верува оти петицијата е „најдемократскиот начин“ да се придвижи кон нови избори. „На овој начин мислам дека би обезбедиле учество на Србите, бидејќи барањето ќе дојде од нив, од граѓаните“, нагласи таа.
Османи рече дека смената на градоначалниците со гласачка петиција ќе биде „нешто како референдум“ што ќе го отвори патот за второ гласање за избор на нови градоначалници. Таа рече дека целиот овој процес може да се направи во рок од неколку месеци. Сепак, не е јасно дали локалните српски гласачи ќе учествуваат во петицијата, забележува агенцијата.
Османи рече дека пред да се распишат нови избори, на Косово ќе му требаат гаранции од меѓународната заедница дека Белград нема да се меша.