Претседателството на Босна и Херцеговина денес едногласно реши да го номинира американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, наведувајќи ја неговата „посветеност на воспоставување траен мир во Појасот Газа“, пренесува Кликс.ба.

Одлуката, која претставува прва официјална номинација за следниот циклус на доделување на престижната награда, е донесена со консензус меѓу тројцата членови на Претседателството – Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ – што, само по себе, веќе е ретко сценарио на мир во регионот.
Во образложението се нагласува дека Трамп одиграл „клучна улога“ во посредувањето меѓу израелската и палестинската страна и дека неговите дипломатски напори довеле до прекин на конфликтот и „нов почеток“ на мировниот процес на Блискиот Исток.
Интересно е што истата идеја Цвијановиќ ја предложи уште во август, но тогаш предлогот беше одбиен бидејќи „не ги исполнувал формалните критериуми“ – или, преведено, недостасувале документи и објаснување зошто токму Трамп заслужува награда за мир.
Сепак, по два месеца размислување и веројатно инспирирани од последните настани на Блискиот Исток, членовите на Претседателството се обединија околу идејата дека Трамп е вистинскиот симбол на мирот.
Според најавите, номинацијата наскоро ќе биде испратена до Нобеловиот комитет во Осло, а јавноста со интерес очекува дали Трамп ќе ја прифати оваа чест со скромност – или со објавa на социјалните мрежи во негов препознатлив стил.