На Меѓувладината конференција во Брисел, Црна Гора привремено го затвори поглавјето 21 – трансевропската мрежа, во преговорите за пристапување со Европската Унија, пишува подгорички Вијести.
Европската комесарка за проширување Марта Кос истакна, пишува Вијести, дека напорната работа и посветеноста на Црна Гора се исплатија.
„Вашето достигнување денес е инспирација за сите земји во процесот на пристапување. Црна Гора е најнапредната земја во процесот на пристапување кон ЕУ. За да се избегне каква било забуна, мои драги пријатели во Црна Гора, го затвораме Поглавјето 21 – трансевропските мрежи. Им честитам на сите во Црна Гора“, рече Кос на прес-конференција по Меѓувладината конференција во Брисел, објави овој медиум.
Политиката на поглавјето на Трансевропската мрежа е насочена, пишува Вијести, кон подобрување и развој на сообраќајните, енергетските и телекомуникациските системи во согласност со европските стандарди.
По затворањето на ова поглавје, на Црна Гора ѝ останува да затвори уште 19 од 33 поглавја за да го заврши процесот на пристапување кон Унијата.