Новите измени во пензискиот систем во Хрватска предвидуваат зголемување на инвалидските пензии за 10 отсто од 2026 година, како и измена на пензискиот фактор, што ќе доведе до подобрување на пензиите за луѓе со делумен и целосен губиток на работна способност. За сите пензионери, ќе биде воведен траен додаток на пензијата, а жените ќе добијат дополнителен стаж за децата.
Новиот закон предвидува зголемување на пензискиот фактор за инвалидските пензии – од 0,8 на 0,9 за делумен губиток на работна способност, и од 1,0 на 1,1 за целосен губиток. Ова ќе важи и за постојните и за идните корисници. Заводот за пензиско осигурување ќе ги пресмета новите пензии по службена должност најдоцна до 31 март 2026.
Најмногу ќе изгубат мајките кои се пензионирале пред 2019 година, бидејќи, според новите правила, тие нема да добијат дополнителен стаж по основ на деца.
Пензиската реформа во Хрватска најмногу ќе им користи на пензионерите кои се во предвремена пензија, бидејќи ќе им биде укината пенализацијата кога ќе наполнат 70 години. Сепак, постојат различни максимални стапки на намалување, од 6 до 20,4 отсто, кои зависат од претходните законски измени.
Сите пензионери ќе добијат траен додаток на пензијата, ќе се промени формулата за усогласување на пензиите, а мајките ќе добијат дополнителни 12 месеци стаж за секое дете. Инвалидските пензии ќе се зголемат за 10 отсто, а најниските за 3 отсто. Пензионерите ќе имаат и можност за работа со полно работно време, со исплата на половина пензија. Ќе се укине и пенализацијата за предвремено пензионирање.
Најголемите добитници се пензионирани предвреме, губитнички се мајките
Најголемите добитници од реформата се оние кои се во предвремена пензија – кога ќе наполнат 70 години, ќе им се укине намалувањето на пензијата. Тоа важи и за оние кои веќе имаат над 70 години, чија пензија ќе се зголеми во просек за околу 55 евра. Но, поради различните претходни законски решенија, користа нема да биде иста за сите.
Најмногу губат мајките – само оние кои ќе се пензионираат во иднина ќе добијат 12 месеци стаж по дете. Жените кои се пензионирале од 2019 година наваму добиваат 6 месеци, а оние пред 2019 – ништо. Со тоа се создаваат три различни категории на пензионерки, што пензискиот аналитичар Жељко Шемпер го оцени како дискриминација и веќе се обратил до Уставниот суд.
Трајниот додаток – повеќе од симболични 5 евра?
Сè уште не е утврден точниот износ на трајниот додаток (т.н. 13. пензија), кој ќе се пресметува според годините стаж. Досега се спомнуваше износ од 5 евра по година, што јавноста го оцени како недоволно. Министерот за труд вети дека ќе биде повеќе од тоа, а конечната одлука ќе ја донесе Владата во октомври. Првата исплата е најавена за декември.
Синдикатите бараат додатокот да изнесува најмалку 13 евра по година стаж, но најверојатно ќе биде помеѓу 5 и 13 евра. Овој додаток нема социјален карактер – оние со најмалку стаж ќе добијат најмалку. Сепак, има и случаи каде луѓе работеле 40 години за минимални плати, па и нивните пензии се најниски.