Летниот одмор на едно украинско семејство на островот Хвар се претворил во вистински кошмар откако нивното петгодишно девојче било каснато од поскок, најотровната европска змија. Детето било во непосредна опасност од загуба на ногата.
Семејството раскажува дека несреќата се случила додека девојчето си играло со пријателчиња покрај плажниот бар. По каснувањето, детето почнало да губи свест и да повраќа, а ногата ѝ отекла.
– Сопственикот на барот веднаш повика брза помош, но за да стигнеме побрзо, нè однесе со свој автомобил до автопатот, каде се префрливме во амбулантно возило кое потоа нè однесе до хеликоптер и во болницата во Сплит – раскажа мајката за хрватските медиуми.
Во болницата девојчето веднаш примило противотров, но лекарите предупредиле дека постои сериозна опасност да ја изгуби ногата. Следното утро била извршена првата итна операција, а подоцна и втора интервенција за целосно затворање на раната.
Сега детето е надвор од животна опасност, но сè уште чувствува болки и е на терапија со инфузија и антибиотици.
– Лекарите направија чудо. Не само што ѝ го спасија животот, туку и ногата. Бескрајно сум им благодарна – изјави мајката.
Хрватските медиуми ја пренесуваат оваа несреќа како предупредување за опасностите од отровни змии за време на летните одмори на плажите.