Пицула: Европскиот парламент испрати јасна порака за автократската природа на владата во Србија

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, оцени дека со усвојувањето на неговиот извештај и резолуцијата за Србија, Европскиот парламент поддржал јасна и силна порака за автократскиот карактер на власта во таа земја, но и за храбриот отпор против режимот.

„Им благодарам на моите колеги европратеници и асистенти за одличната соработка и поддршка“, објави Пицула на социјалната мрежа Х по гласањето во Европскиот парламент.

Европскиот парламент денес на седница во Стразбур го усвои извештајот и резолуцијата за Србија, со 419 гласови „за“, 113 „против“ и 88 воздржани.

На почетокот на дебатата во вторникот, Пицула посочи дека политичката состојба во Србија долго време е исклучително комплексна, особено во последните шест месеци.

„Уривањето на настрешницата во Нови Сад, при што загинаа 16 луѓе, стана трагичен симбол на системската корупција, непотизмот и недоволната институционална контрола, кои треба да ги заштитат граѓаните. Наместо правда, оние кои укажуваат на проблеми се изложени на јавни напади“, рече Пицула.

Тој додаде дека личните податоци на демонстрантите се објавуваат јавно, а против нив се користат неидентификувани и незаконски методи, кои потоа се истражуваат со учество на руските служби.

„Граѓани на ЕУ се приведуваат и протеруваат од Србија поради нивни објави на социјалните мрежи, а земјите членки на ЕУ и нивните претставници се обвинети дека стојат зад наводната ‘обоена револуција’“, изјави Пицула за време на дебатата во Стразбур.

Зачлени се на нашиот е-билтен