Пленковиќ: Милановиќ го урива надворешнополитичкиот кредибилитет на Хрватска

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска оцени дека шефот на државата Зоран Милановиќ со своите изјави го „поткопува кредибилитетот на надворешната политика на Хрватска“.

Така тој се осврна на изјавата на Милановиќ дека „Крим повеќе нема да биде Украина“, што го поттикна денеска да реагира портпаролот на украинското МНР, Олег Николенко, пишувајќи на Фејсбук дека хрватскиот претседател „го доведува во прашање територијалниот интегритет на Украина“.

Сметаме дека тоа е неприфатливо, рече портпаролот Николенко, пренесуваат хрватските медиуми.

Во изјава за новинарите во Загреб, Пленковиќ истакна дека „Украинците реагираат онака како што треба да реагираат“.

Тие реагираат на оној што ни го урива надворешнополитичкиот кредибилитет во меѓународната заедница, а тоа е Милановиќ, кој изговара погрешни реченици, рече Пленковиќ.

Тој додаде дека Хрватска има одлични односи со Украина, а Милановиќ „изговара погрешни ставови и судови“.

Многу лошо, од лошо кон полошо. Но, за среќа, луѓето знаат кој е тоа, истакна Пленковиќ за Милановиќ, спомнувајќи го во овој контекст и коментарот на Милановиќ за Косово и го оцени како „небулозен“.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вчера изјави дека „Крим повеќе нема да биде Украина“ и дека „Косово и е одземено на Србија“.

Зачлени се на нашиот е-билтен