Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја искористи долгогодишната блокада на Македонија на европскиот пат како аргумент за да ги оправда осумте услови што Загреб ѝ ги поставува на Црна Гора. Во момент кога Германија врши дипломатски притисок врз Хрватска да не го попречува проширувањето на Европската Унија, Пленковиќ тврди дека неговата земја постапува конструктивно, за разлика од Грција и Бугарија, кои со години го блокираа македонскиот евроинтеграциски процес.
Пленковиќ во Брисел изјави дека Македонија изгубила 21 година поради блокадите од две земји членки на Европската Унија, нагласувајќи дека Хрватска нема таков однос кон Црна Гора.
„Постојат две држави поради кои институционалното приближување на Македонија кон Европската Унија од 2005 до 2026 година траеше 21 година. Хрватска не го презеде тој пристап“, изјави Пленковиќ.
Тој потсети дека Македонија на почетокот на 2000-тите била пред Хрватска во процесот на европска интеграција, но дека сè уште не ги отворила преговорите за членство.
Според хрватскиот премиер, Загреб има конструктивен пристап кон Подгорица, а осумте барања се поврзани со европските вредности и обврските што Црна Гора треба да ги исполни како идна членка на Унијата.
„И покрај тешкото наследство, кон Црна Гора пристапивме многу конструктивно“, рече Пленковиќ, нагласувајќи дека отворените прашања мора да се решат пред завршувањето на пристапните преговори.
Сепак, хрватските условувања веќе имаат конкретни последици врз европскиот пат на Црна Гора. По интервенцијата на Пленковиќ на самитот на Европскиот совет, од нацрт-заклучоците биле отстранети временските рокови за затворање на преговарачките поглавја до крајот на 2026 година и за што побрзо завршување на пристапниот договор.
Станува збор за промена во политичките заклучоци на Европскиот совет, а не за формална одлука за прекин на преговорите со Црна Гора.
Хрватска бара решавање на осум отворени прашања, од кои шест се поврзани со поглавјето за судство и основни права, а две со надворешната и безбедносната политика.
Меѓу нив се обесштетувањето на поранешните затвореници од логорот Морињ, процесирањето воени злосторства, расветлувањето на судбината на исчезнатите лица, имотните прашања и нерешените гранични спорови.
Пленковиќ тврди дека Загреб со години бара решавање на овие прашања, но дека во последните две години не е постигнат никаков напредок.
Истовремено, Германија го засилува притисокот врз Хрватска за да спречи билатералните спорови да го забават пристапувањето на Црна Гора во ЕУ.

