Германската компанија „Drexlmaier“, специјализирана за производство на кабловски гарнитури за автомобилската индустрија, најави постепено затворање на својата фабрика во Зрењанин. Од компанијата за српската агенција Бета потврдија дека оваа одлука е резултат на намаленото производство во европскиот автомобилски сектор и недостигот на нарачки.
Фабриката, во која моментално работат околу 2.000 луѓе, ќе ги прекине сите активности до 2026 година. Регионалниот претставник на „Drexlmaier“, Ралф Капеле, изјави дека компанијата вложила максимални напори да обезбеди нови договори, но без успех.
„Водевме интензивни разговори со клиентите и пробавме сè што беше во наша моќ, но не успеавме да најдеме одржливо решение. Со големо жалење, принудени сме да ја затвориме фабриката во Зрењанин“, изјави Капеле.
Компанијата нагласи дека е свесна за влијанието врз своите вработени и дека ќе понуди социјален пакет за погодените работници.
„Ќе соработуваме со синдикатот за да најдеме најдобро можно решение за нашите вработени“, додаде Капеле.
Синдикатот на индустриски работници на Србија потврди дека фабриката, која функционира веќе 17 години, ќе згасне до 2026 година и дека се разговара за праведни услови за работниците кои ќе останат без работа.
Во најдобрите години, „Drexlmaier“ во Зрењанин вработувал 6.000 луѓе, а при отворањето во 2007 година, фабриката беше прогласена за најголема странска инвестиција во Србија во таа година.
Извор: Бета/Форбс