Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис и официјално е премиер на Грција, откако вчера на парламентарните избори неговата партија доби втор мандат од граѓаните, а денеска положи свечена заклетва и ја презеде функцијата од службениот премиер Јоанис Сармас, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис првпат стана премиер на Грција по изборите во јули 2019 година, на премиерската позиција беше до крајот на мај годинава, кога функцијата му ја предаде на службениот премиер, а сега повторно се враќа во Премиерската палата, каде што има мандат да остане во следните четири години.
При примопредавањето на функцијата старо- новиот премиер на Грција истакна дека „ќе ѝ служи на општата благосостојба на грчкиот народ“.
Претходно, во присуство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и пред поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, Мицотакис положи свечена заклетва како нов премиер на земјата
Попладнево ќе биде соопштен и новиот владин состав, а веројатно утре, новите министри ќе положат свечена заклетва за в среда да се одржи и првата владина седница
По вчерашната убедлива победа на Нова демократија на парламентарните избори, процедурите за формирање Влада се одвиваат со забрзан ритам.
Утрово, претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас ѝ ги достави официјалните резултати од парламентарните избори на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која во продолжение го прими лидерот на Нова демократија и му го додели мандатот за формирање Влада.
Мицотакис, кој втор пат добива мандат за формирање Влада, откако Нова демократија победи и на изборите во јули 2019 година, на средбата со Сакеларопулу истакна дека неговата цел била „земјата да има стабилна еднопартиска Влада“ и порача дека ќе состави Влада „која напорно ќе работи и ќе има мерливи резултати“
На вчерашните парламентарни избори, Нова демократија доби 40,55 отсто од гласовите, 22,73 проценти повеќе од опозициската СИРИЗА, која освои 17,84 отсто, а ПАСОК е на третата позиција со 11,85 отсто.
Партијата победник на изборите со добиени 158 пратенички места ќе формира еднопартиска Влада.