Пожарот што вчера попладне избувна во областа Кератеа, источниот дел на Атика, поширокиот регион на Атина, утрово е без активно жариште. Пожарникарите цела ноќ водеа жестока битка со огнената стихија, која зад себе остави еден загинат, изгорени куќи и значителна материјална штета.
Состојбата стабилизирана, но пожарникарите остануваат на терен
Иако ситуацијата е значително подобрена, екипите на противпожарната служба остануваат распоредени на терен поради опасност од нови разгорувања. Пожарот избувна вчера околу 14 часот, а силниот ветер, кој достигнуваше и до 90 километри на час, придонесе за негово брзо ширење на голема површина.
Како превентивна мерка, беа евакуирани жители од неколку населени места, како и еден дом за стари лица. При интервенција во куќа во близина на местото каде што пожарот започна, пожарникарите пронашле безживотно тело на постаро лице.
Во гаснењето на пожарот учествуваат 260 пожарникари со десет пешадиски тима, 77 возила и голем број волонтери. Од воздух, пожарот се гаснеше со 13 авиони и 15 хеликоптери, од кои два за координација на операцијата.
Огнената стихија уништи повеќе куќи, а според портпаролот на противпожарната служба, процената на вкупната штета ќе биде направена откако пожарот целосно ќе биде изгаснат.
Синоќа активен пожар имаше и во источниот дел на Пелопонез, во близина на античка Олимпија. И таму утрово ситуацијата е стабилизирана, без активно жариште.
Поради силниот ветер, високите температури и продолжената суша, денеска е прогласен екстремен ризик од пожари во областа Атика, на островот Евија и во делови од Пелопонез.