Поплави во БиХ: Голем број куќи и возила под вода

Делови од Босна и Херцеговина се погодени од поплави по обилните врнежи во изминатите денови. Додека реките Врбас и Врбања во Бања Лука денеска се повлекуваат, ситуацијата во Приедор се влошува, пренесува Еуроњуз.

Најтешко погодени се северните и северозападните делови на земјата, каде што некои градови веќе прогласија состојба на природна катастрофа и воведоа итни мерки за одбрана од поплавите. Освен во Приедор, алармантна е состојбата и во Сански Мост и околните населби.

Приедор веќе прогласи вонредна состојба, а од градот пристигнуваат снимки од поплавени станбени и деловни објекти, како и возила.

Особено тешка е состојбата во населбата Гомјеница, каде куќите се под вода, а водената стихија носи сè пред себе. Водата достигна до крововите на помошните објекти, а низ дворовите пловат автомобили, од кои се гледаат само покривите, пренесува Витез инфо.

На Facebook профилот на BH Meteo беше објавена снимка од оваа населба, на која се гледаат поплавените куќи и автомобили.

Градоначалникот на Приедор, Слободан Јавор, денеска изјави дека ова може да се смета за една од најголемите поплави во историјата на градот. Тој посочи дека најкритично е во Гомјеница и Тукови, како и во другите месни заедници во горниот тек на реката Гомјеница, но дека најважно е што нема жртви и што луѓето не се загрозени.

Ситуацијата дополнително ја усложнува прогнозата за нови врнежи, кои би можеле уште повеќе да ја влошат состојбата во овој дел од БиХ, пишува Витез инфо.

Зачлени се на нашиот е-билтен