Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Постизборно шоу на Бојко Борисов: „Ќе бидам пратеник и лично ќе ги водам преговорите за идна влада“

„Изборите поминаа, благодарение на сите бугарски граѓани кои не поддржаа. Го зголемивме нашиот резултат, ги победивме и одделно и заедно нашите главни противници“, рече денес лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов на првата прес-конференција по неделните избори на кои коалицијата предводена од неговата партија постигна за 2 проценти подобар резултат од конкурентската коалиција на екс-премиерот Кирил Петков.

Борисов притоа изрази негодување поради бавното пребројување на гласовите. Тој рече дека целта на изборите и на демократијата е да се формира влада и дека доколку тоа не се направи сега и пак се оди на избори, тоа ќе биде ризик за сите партии и за парламентарната демократија. „Јас сум губел избори и знам колку е тешко. Но за волја на вистината повеќето избори ги добивав“, се пофали тој.
Обраќајќи се до другите партиски лидери и честитајќи им го резултатот, Борисов рече фактот што ниту една од партиите вклучително и неговата ГЕРБ не освоиле 121 пратеничко место, наложува да се направи коалиција за влада.

„Нашите природни партнери се партиите кои ја поддржуваат Украина, го поддржуваат Шенген, и оние кои го поддржуваат процесот за влез во еврозоната.
Ќе ги поканиме апсолутно сите партии кои се во парламентот. Нашата цел е стабилно управување, она што би го смирило и бизнисот и народот, а тоа можеме да го постигнеме со коалиција меѓу големите партии. Тоа е она што го кажав
уште пред изборите“, рече Борисов.

На неговиот ривал, лидерот на „Продолжуваат промените“ и екс премиер Кирил Петков суптилно му порача да ја прифати неговата понуда за коалицирање. „Не случајно господинот Петков рече дека народот ќе ја казни втората партија ако не ја поддржи првата при формирање влада“, рече тој додавајќи дека за политики ќе разговара само со партиите што ќе одлучат да учествуваат во новата влада.

„Првата понуда е до најголемата партија затоа што тоа ќе биде најдобро за луѓето. Бугарите на овие избори рекоа дека не сакаат да победи ни ГЕРБ ни ‘Продолжуваат промените’. Во моментот кога Радев ни го врачи мандатот, ќе ги повикаме сите страни на разговори“, додаде Борисов.

Тој рече дека е нормално тие што ја скршија државата и доведоа до овие дефицити, да учествуваат во решавањето на проблемот. „Сите партии зборуваа за хаосот и тоа како ќе го решат – сега народот ни даде право да го решиме. Нека си ги одредат условите, нека си разговараат и мислам дека тоа е она што се очекува од овие избори“, рече тој подвлекувајќи дека тој нема проблем со ниту една партија која сака да учествува во владата.

„Од 14.00 до 16.00 часот денеска имам приватно време и ве молам не ме вознемирувајте“, им се обрати Борисов на медиумите.

„Јас ќе бидам пратеник, лично ќе ги водам преговорите со политичките лидери, за да знам на крајот кој ќе преземе одговорност. Нема да поддржиме импичмент на претседателот Радев“, рече тој.

Борисов на претходните избори категорично рече дека не се бори за премиерската функција. Денес изостана таква порака.

Извор (Нова тв)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново