Голем пожар денеска ја зафати областа „Остриците 2“ во градот Бургас, во југоисточна Бугарија, уништувајќи најмалку 25 куќи и предизвикувајќи итна евакуација на локалното население.
Пожарот избувнал околу 11:30 часот по локално време на копно обраснато со сува вегетација и брзо се проширил поттикнат од силен ветер. Според информациите на бугарскиот портал „Новините“, иако пожарот се развивал со голема брзина, алармниот систем за предупредување не бил активиран.
На терен се мобилизирани повеќе противпожарни екипи, а во гаснењето се вклучиле и волонтери. Градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, кој пристигнал на местото на настанот, информираше дека се преземаат мерки за спречување на натамошно ширење на огнот кон источниот дел од населбата.
„Околу 25 куќи се веќе уништени. Шест или седум од нив биле целосно населени. Во тек е евакуација, но за среќа, нема човечки жртви“, изјави Николов.
Тој посочи дека пожарот се шири непредвидливо поради силниот и променлив ветер, што значително ја отежнува работата на екипите на терен.
Локалните власти апелираат до граѓаните да не се приближуваат до погодената зона сè додека не биде ставена под контрола.
Евакуацијата на жителите продолжува, објави бугарскиот медиум, повикувајќи се на информации од агенцијата Танјуг.