Пожарите во Албанија не стивнуваат, опозицијата бара вонредна состојба

Албанија се соочува со сериозна криза поради пожарите кои беснеат на целата територија на земјата. Во изминатите 24 часа се регистрирани 64 пожари, од кои 24 се сè уште активни. Најкритични се пожарите во округот Валона, во подрачјето на Делвина и Финиќ, каде огнената стихија се шири и кон Ѓирокастро.

Министерството за одбрана попладнево издаде наредба за евакуација на жители и добиток од неколку села. Во оваа област целосно изгореа осум села, а населението е сместено во училишниот интернат во градот.

Албанската опозиција побара прогласување вонредна состојба, обвинувајќи ја владата за недоволна ангажираност и ненабавка на противпожарни авиони.

Европската унија соопшти дека е во целосна солидарност со албанските пожарникари и погодените семејства. Преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во земјата веќе делуваат противпожарни авиони и хеликоптери од Хрватска, Шведска, Италија, Грција, Унгарија, Чешка и Словачка.

Американската амбасада во Тирана ги повика своите државјани да избегнуваат подрачја погодени од пожарите и да се јават во амбасадата доколку имаат потреба.

Зачлени се на нашиот е-билтен