Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Предизборни митинзи во Атина на лидерите на грчките политички партии

Во пресрет на парламентарните избори во Грција што ќе се одржат в недела, втори во период од еден месец, лидерите на грчките политички партии со митинзи во Атина ги завршуваат нивните предизборни кампањи, јави дописничката на МИА од Атина. 

Четврток пред изборите, традиционално е резервиран за предизборен митинг на опозициската партија, односно СИРИЗА во конкретниот случај, а лидерот Алексис Ципрас вечерва ќе одржи говор на плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент.

Утре, на последниот ден од предизборниот период, централен собир и говор во Атина, исто така на плоштадот Синтагма ќе одржи претседателот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, кој е и потенцијалниот старо- нов премиер на Грција и се очекува в недела да добие нов мандат од граѓаните.  

Исто како и пред изборите на 21 мај, така и сега, централниот слоган на Нова демократија е „Стабилно, храбро, напред“ додека на опозициската СИРИЗА „Правда за сите“.

Претседателот на социјалистичката ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис, која на претходните избори беше трета политичка сила во Грција и генералниот секретар на Комунистичката партија Димитрис Куцубас, синоќа ги одржаа нивните собири во Атина.

Истражувањата на јавното мислење во Грција во изминатиот период ги потврдуваат изборните резултати од 21 мај во однос на распоредот на силите. Нова демократија е на првото место, втора е СИРИЗА, а трета ПАСОК – Движење на промена.

На 21 мај годинава, Нова демократија освои 40,79 отсто од гласовите, СИРИЗА беше втора со 20,07 проценти, ПАСОК освои 11,46 отсто, а во Парламентот место обезбедија пет партии кои го достигнаа неопходниот изборен праг од три отсто за влез.

Тогаш беше спроведен пропорционалниот модел што не предвидува бонус од 50 пратеници за партијата победник и ниту една од партиите не го обезбеди потребното парламентарно мнозинство од минимум 151 пратеник за да формира еднопартиска Влада, па затоа се одржуваат втори избори.

Сега ќе се спроведе законот од 2020 година и ќе се примени мешаниот систем со засилена пропорционална застапеност, што значи и враќање на бонус пратеници за првата партија.

Но, овој пат, бонусот нема да биде фиксен од 50 пратеници, туку бројот ќе биде во зависност од освоените гласови и колку партии ќе останат вон Парламентот, а ќе се движи меѓу 20 и 50 дополнителни пратенички места

Зачлени се на нашиот е-билтен