Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Продолжено гласањето за претседател на СИРИЗА поради големиот одѕив, гласаше и Ципрас

 Над 130.000 членови на СИРИЗА, од кои една третина се нови, кои денеска се зачлениле, гласале на изборите за лидер на партијата, на половина час пред затворањето на гласачките места, а гласањето, поради големиот одѕив е продолжено за еден час, јави дописничката на МИА од Атина.

Во повеќето гласачки места имаше редици за гласање, а правото на глас го оствари и поранешниот лидер на СИРИЗА Алексис Ципрас, што воедно беше и негово прво јавно појавување по оставката на крајот на јуни.

Ципрас рече дека масовната излезност на илјадниците членови на партијата „покажува дека избрзаа оние кои ја прогласија СИРИЗА за отсутна“.

Се очекува час и половина по затворањето на гласачките места да има резултати за 50 отсто од гласовите, а конечните резултати да бидат доцна вечерва.

Меѓу тројца поранешни министри од СИРИЗА и еден од ПАСОК и бизнисмен кој живее во САД, членовите на најголемата грчка опозициска партија денеска одбираат нов лидер, а отворени се вкупно 570 гласачки места во цела Грција.

Право на глас имаат сите со наполнети 15 години кои или се веќе членови на СИРИЗА или ќе се зачленат во текот на денешниот ден на самите гласачки места.

За претседател на СИРИЗА кандидирани се поранешните министри и актуелни пратеници од СИРИЗА Ефи Ахциоглу, Ефклидис Цакалотос и Никос Папас, поранешниот министер од ПАСОК Стефанос Ѕумакас и бизнисменот Стефанос Каселакис, кој живее и работи во САД. 

Доколку ниту еден од кандидатите не добие доволно гласови за денеска да биде избран за претседател, вториот круг ќе се одржи следната недела, на 24 септември.

Според резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Metron Analysis“ за грчката телевизија „Мега“, објавено во четвртокот, тесна трка е меѓу Ефи Ахциоглу и Стефанос Каселакис, а последната битка двајцата ќе ја водат во вториот круг.

Зачлени се на нашиот е-билтен