Пропадна голема пирамидална шема во Хрватска: илјадници граѓани останаа без заштеди

Во Хрватска, по неколкугодишно функционирање, ненадејно пропадна платформата XUEX, која ветуваше лесна заработка преку криптовалути, оставајќи илјадници граѓани без дел или целосно без своите вложени средства. Платформата припаѓаше на EG Investment Group и претходно се срушила и во Србија и Албанија.

XUEX функционираше така што инвеститорите добиваа два сигнала дневно преку апликацијата, а средствата им растеа со секоја потврда. Првиот бран на корисници често ги подигнуваше парите и ги споделуваше успешните резултати со пријатели и семејство, привлекувајќи нови членови и создавајќи впечаток на легитимна заработка.

Колапсот започна кога ревизијата ја блокирала платформата, а корисниците веќе не можеа да ги повлечат своите инвестиции. Еден од лидерите на XUEX изјави дека исплатите ќе траат до август следната година и ги повика луѓето да се приклучат на нов финансиски проект, ветувајќи 50% од вложените средства.

Експертите предупредуваат дека ова е класична Понзи шема, каде новите вложувања се користат за исплата на претходните инвеститори, сè додека приливот на средства не опадне и платформата не банкротира.

Случајот сега е предмет на кривична истрага, а полицијата апелира дека не постојат брзи и лесни пари на легален начин.

Зачлени се на нашиот е-билтен