Грчките земјоделци и денеска продолжуваат со протестните блокади, при што повторно ќе биде затворен граничниот премин Евзони кон Северна Македонија. Според најавите, целосен прекин на сообраќајот за сите возила е планиран од 12 до 16 часот по локално време, како и во попладневните часови од 18 часот па натаму.
Истовремено, блокада ќе има и на граничниот премин Ники, каде што сообраќајот ќе биде запрен исклучиво за товарни возила во периодот од 19 до 23 часот, јавува грчката новинска агенција АНА-МПА.
Земјоделците низ цела Грција ги интензивираат протестите откако одлучија да не прифатат средба со премиерот, закажана за денеска. Наместо директни разговори, тие ги доставија своите барања до владата во писмена форма.
Според грчките медиуми, блокади се планирани и на други гранични премини, меѓу кои Промахонас и Ексохи кон Бугарија, каде што исто така ќе има ограничувања за движење на товарниот сообраќај.
На граничниот премин Евзони, протестите траат веќе две недели, откако на 1 декември земјоделци од регионот Пеонија и од Јаница пристигнаа со трактори. Приближно 300 трактори и понатаму се паркирани на грчката страна од границата.
Најголемата блокада на автопатската мрежа се наоѓа во централниот дел на земјата, кај Никеа во близина на Лариса, на автопатот Солун – Атина, кој е целосно затворен, а сообраќајот се пренасочува по алтернативни правци.
Земјоделците бараат итна исплата на сите заостанати обврски од државата, воведување гарантирани минимални откупни цени што ќе ги покриваат трошоците за производство, намалување на производствените трошоци, како и надомест за загубите во 2025 година за производите чија пазарна цена паднала под нивото на трошоците. Тие исто така бараат запирање на масовниот увоз и спречување на лажно претставување на странските производи како домашни, двојно зголемување на земјоделските пензии и расчистување на скандалот со европските земјоделски субвенции преку ОПЕКЕПЕ.
Протестите започнаа на крајот на ноември поради високите трошоци за производство и ниските откупни цени, а земјоделците бараат враќање на неправилно распределените средства, да не ги сносат казните за злоупотребите и да се утврдат политичките и кривичните одговорности за целиот случај.