Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Протестите „Србија против насилството“ продолжуваат денеска во Белград

Во Белград денеска, во 18 часот, ќе се одржи шестиот протест „Србија против насилството“, со нова траса која ќе почне од Народното собрание со правење на прстен овојпат околу Владата, со фокус на протестот на образованието, јави дописникот на МИА од Белград.

Проевропската опозиција само технички ги организира овие граѓански протести што почнаа по масовните убиства во белградското училиште „Владислав Рибникар“ и селата Дубона и Мало Орашје во општините Младеновац и Смедерево, додека десничарската опозиција само ги подржува и учествува на нив.

На протестот, на кој минатите недели учествуваа и над 50.000 граѓани, по подршката што ја дадоа бројни познати актери и личности, денес 600 членови на академската заедница потпишаа проглас во кој се вели дека „долупотпишаните наставници, истражувачи и соработници на универзитетите и институтите во Србија, свесни за одговорноста што ја носи академската вокација, даваат целосна поддршка на барањата на граѓанските протести кои се случуваат на улиците на нашите градови веќе пет недели“.

Барањата на протестот се: смена на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми), затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и шефот на безбедоносната агеција Александар Вулин, итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.

Претставниците на опозицијата порачаа дека нема да има преговори со власта за барањата, туку бараат нивно исполнување. Најавуваат и можна радикализација на протестот, доколку тоа не се случи.

„Мислам дека во консултација со другите колеги-партнери, каде технички го организираме овој протест, веројатно од следната недела ќе следат некои поголеми акции“, најави пратеничката на Партијата на слободата и правдата (ССП) Мариника Тепиќ.

„Повеќето од барањата не се исполнети и очекуваме тоа да се случи, па дури потоа да разговараме за други работи“, изјави Јелена Јериниќ, пратеникот на Зелено-левиот клуб.

Претседателот Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста со премеирката Ана Брнабиќ во среда изјави дека „ќе продолжи да ги чека некои луѓе да разговараат со него“, додавајќи дека „тие се надеваат на некои други работи кои никогаш нема да се случат, дека власта ќе биде преземена на улица“, најавувајќи можност за вонредни парламентарни избори, како излез од кризата.

Зачлени се на нашиот е-билтен