Пукање во Белград: Петмина ранети, жената спасена со реанимација

Попладнево околу 14:30 часот во белградската населба Вишњичка бања се случи вооружен напад во кој пет лица беа ранети.

Според информации на „Н1 Белград“, напаѓачите пристигнале со комбе по Сланачки пат и почнале да пукаат кон гостите во едно локално кафуле.

Првично беше објавено дека една жена починала, но српската полиција потврди дека таа била донесена во болница без знаци на живот и е спасена со реанимација. Се наоѓа во тешка состојба.

На местото на настанот има силно полициско обезбедување и форензичари. Новинарските екипи биле замолени да се оддалечат додека трае увидот.

Жителите велат дека кафулето е место каде често се собираат навивачи, а има и простор за деца. Не е познато дали во моментот на нападот имало деца во објектот, но очевидци тврдат дека на автобуската станица имало многу деца кои исплашени се разбегале. Дел од нив забележале и доцнење на итната помош.

Жителите истакнуваат дека подолг период имаат проблеми со навивачки групи и повеќепати алармирале во полиција. Според српски „Телеграф“, нападот е најверојатно резултат на пресметка меѓу навивачи.

Засега нема официјални информации за мотивите.

Зачлени се на нашиот е-билтен