Пуштена во продажба книгата „Итака“ на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас

Книгата може да се купи по цена од 28 евра во сите книжарници во Грција, додека пак следната среда ќе биде и официјалната промоција. 

Финансиската криза, плановите за исклучување на земјата од Европската Унија, затворените банки, референдумот, средбите со странски лидери, како што се Меркел, Оланд, Путин, реакциите на тогашната опозиција и напорите на тогашната Влада, но и надворешната политика и Договорот од Преспа, односно сите случувања во Грција и Европа во периодот 2015-2019 година кога СИРИЗА беше на власт, се опфатени во „Итака“ – книгата на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.

Според издавачката куќа „Гутенберг“ во книгата со 11+1 поглавја „читателот ќе ја согледа вистината, поткрепена со документи, записници од состаноци и драматични дијалози со сите лидери во тоа време, и ќе ги разбере мислите и дилемите на Алексис Ципрас тогаш, но и денешниот критички поглед кон тој период“.

„Итака“ на Алексис Ципрас не е книга за минатото, туку декларација на надеж и перспектива за иднината. Секое случување, секое откритие, секоја критика и автокритика, авторот не ги третира како архивско бележење на минатото, туку како предмет на размислување за сегашноста и иднината. Како можност за размислување за себе, но и за сите оние кои инсистираат на визијата за праведна Грција, не само за „што направивме“, туку за „што треба да направиме“, соопштија неодамна од издавачката куќа во однос на книгата.

Книгата од денеска е пуштена во продажба по цена од 28 евра во сите книжарници во Грција, додека пак следната среда ќе биде и официјалната промоција. 

Зачлени се на нашиот е-билтен