Македонците во Хрватска и годинава ја продолжуваат традицијата на чествување на Кочо Рацин со културната манифестација „Рацинов ден – Бели мугри“. Настанот, организиран од Заедницата на Македонците во Хрватска и МКД „Охридски бисер“ од Загреб, ќе се одржи денеска во Самобор, во чест на 85-годишнината од издавањето на познатата збирка поезија „Бели мугри“.
Манифестацијата ќе започне во 13:30 часот со положување венци и цвеќе на бистата на Кочо Рацин во паркот на Самоборскиот музеј.
Збирката „Бели мугри“, која Кочо Рацин ја отпечати нелегално пред 85 години во Самобор, е централниот симбол на овој настан. По тој повод, предавања за животот и делото на поетот ќе одржат професорите Игор Деспот, Горан Коров и Ивана Брезовец. Учениците кои учат македонски јазик по модел Ц во Хрватска ќе рецитираат стихови од познатата збирка.
Настанот се одржува под покровителство на Советот за националните малцинства на Република Хрватска и Самоборскиот музеј.
Чествувањето на Рациновото дело е значаен културен момент за македонската заедница во Хрватска, која преку овој настан го одржува споменот за еден од најзначајните македонски поети и неговиот придонес во македонската литература.