Рама побара од Трамп да се „вмеша“ во одлуките на Специјалниот суд за Косово во Хаг

Рама
Премиерот на Албанија Еди Рама и претседателката на Косово Вјоса Османи околу Доналд Трамп

Во своето денешно обраќање на првиот состанок на Комитетот за мир формиран од американскиот претседател Доналд Трамп, албанскиот премиер Еди Рама го повика американскиот претседател да „направи нешто“ во врска со Специјалниот суд за Косово со седиште во Хаг, каде што им се суди на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и други поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово. Рама рече дека Хашкиот суд не успеал да ги почитува стандардите на демократската правда.

Во судот во Хаг, вчера заврши судењето за поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи и поранешните команданти на ОВК. Судењето започна во април 2023 година, а обвинителите побараа тие да бидат осудени на по 45 години затвор.

Рама истакна во своето денешно обраќање на првиот состанок на Комитетот за мир дека е побарано 45 години затвор за обвинетите во Хаг, објави Reporteri.net.

Делови од изјавата на Рама беа објавени и на мрежата X.

„Судот не успеа да воспостави правда и да ги почитува стандардите на меѓународната правда. Господине Трамп, направете нешто пред да се случи нешто лошо“, рече Рама.

Дополнително, Рама му се заблагодари на Трамп за прифаќањето на Албанија во Мировниот комитет, кој е задолжен за следење на договорот за прекин на огнот во Газа.

„Господине претседателе, ја цениме вашата улога во завршувањето на конфликтот во Газа. Овој комитет мора да им донесе мир на децата од Газа, од војната предизвикана од Хамас. Човештвото мора да победи во таа област. Светот може да создаде оаза на мирот на Блискиот Исток. Албанија е почестена што придонесува за оваа промена“, рече Рама.

Тој, исто така, истакна дека претседателот Трамп „воспоставил мир меѓу Косово и Србија во својот прв мандат“.

Мировниот комитет беше формиран како дел од мировниот план на Трамп од 20 точки за завршување на конфликтот во Газа. Но, откако беше воспоставен прекинот на огнот во Газа во октомври минатата година, визијата на Трамп за тој комитет се промени и тој сака телото да има поамбициозна одговорност, не само да ја изврши огромната задача за воспоставување траен мир меѓу Израел и Хамас, туку и да ги реши конфликтите низ целиот свет.

На денешниот инаугуративен состанок во Вашингтон присуствуваа високи функционери од речиси 50 земји. Дваесет и седум земји се приклучија на Комитетот, а другите земји што учествуваа денес, како и Европската Унија, дојдоа како набљудувачи.

Косово, исто така, се приклучи на мировниот комитет, а претседателот на Косово, Вљоша Османи, беше присутен денес. Косово е една од петте земји што ветија дека ќе придонесат со војници во стабилизациските сили во Газа.

Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јауп Красниќи се обвинети за злосторства против Срби, Роми и „колаборационисти“ Албанци во повеќе од 40 притворања во Косово и северна Албанија. Сите тие беа водечки членови на Главниот штаб на ОВК.

Зачлени се на нашиот е-билтен