Рама под критика за заедничкото писмо со Вучиќ за евроинтеграцијата на Албанија

Рама

Предлогот за новиот модел на интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, кој беше презентиран кон крајот на февруари од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Албанија, Еди Рама, предизвика различни реакции во Албанија. Опозицијата смета дека идејата земјите-кандидатки да добијат пристап до заедничкиот европски пазар и Шенген зоната, пред формално да станат членки, без право на глас и вето, е спротивна на интересите на Албанија, бидејќи отстапува од стратешката цел за полноправно членство со сите права.

Отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека патот на Албанија кон Европската Унија е блокиран, албанскиот премиер Еди Рама на неодамнешната прес-конференција изјави дека текстот, кој го објави со претседателот Вучиќ, не значи откажување од полноправно членство, туку обид за забрзување на процесот на интеграција и негово поконкретно изразување за граѓаните на регионот во време кога проширувањето често е условено од внатрешните политички односи во земјите-членки.

Еди Рама наведува дека, на пример, во Франција има избори во 2027 година и укажува на неизвесноста на идните политички ставови.

„Франција е клучна земја и мора да го ратификува членството на нова земја. Не е познато каков став ќе заземе следниот претседател. Затоа верувам дека треба да размислуваме и за алтернативни модели на интеграција, додека земјите-кандидатки чекаат полноправно членство. Оваа идеја не подразбира промена на европските договори, ниту укинување на правото на вето. Станува збор за можност за привремени билатерални аранжмани меѓу ЕУ и новите членки“, вели Рама.

Герта Заими, истражувач во Центарот за меѓународни стратешки студии во Тирана, смета дека предлогот на албанскиот премиер Еди Рама, кој претходно изјави дека Тирана треба да се откаже од правото на вето доколку Европската унија ја прифати како членка, не е случаен, бидејќи се појавил во време кога Европејците се соочуваат со голема дилема што да прават со малите земји од Западен Балкан.

Герта Заими објаснува дека постои дилема дали овие земји треба да влезат во ЕУ со право на вето или да го заобиколат тој принцип.

„Предлогот на Рама не е нешто лично, па затоа не верувам дека е направен без консултација со ЕУ. Мислам дека неговиот предлог е соодветен начин да се избегне голем европски проблем, додека земјите од Западен Балкан имаат интерес за интеграција. Не мислам дека е лоша идеја“, вели Герта Заими.

Од друга страна, некои аналитичари сметаат дека прашањето за членство без право на вето треба да го решат пред сè земјите-членки на Унијата, додека земјите-кандидатки треба да се фокусираат на достигнување на европските стандарди.

Бледијан Кока истакнува дека целта не е формално членство без суштински напредок.

„Целта не е да имаме членска карта и да ја прикажеме како изборна победа, без да постигнеме подобар квалитет на живот за нашите граѓани. Ова не ѝ служи на Европската Унија, а уште помалку на земјите што се стремат кон членство како нас. Затоа, притисокот не треба да биде врз прашањето за ветото. Не верувам дека Албанија има сила да ги промени одлуките на Германија или Франција со право на вето, а ниту Црна Гора, Северна Македонија или дури и Србија, ако го направат овој чекор“, вели Бледијан Кока, главен и уредник на СИРИ ТВ.

И додека дебатата продолжува меѓу аналитичарите и политичките актери, владата во Тирана вели дека е на истиот пат – полноправно членство на Албанија во Европската Унија.

Европската интеграција останува дел од долгорочниот план за развој на земјата и централна политичка тема на владата на премиерот Еди Рама, кој освои четврти мандат на претходните избори под слоганот „Албанија во ЕУ до 2030 година само со Еди“.

Зачлени се на нашиот е-билтен