Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Рама смета дека мора да се распишат нови избори на северот на Косово, на Макрон и Шолц им доставил нацрт за ЗСО

 Убеден сум дека треба да се распишат нови избори без да се губи време и тоа веднаш. Да се покаже волја пред се и да се деескалира ситуацијата, полицијата мора веднаш да се повлече, зашто ако странските трупи го заземат северот на Косово, прашањето, којзнае по колку години ќе се врати на маса, изјави албанскиот премиер Еди Рама, нагласувајќи дека „сите се бориме за меѓусебно признавање на Косово и Србија“.

Во насока на надминување на ситуацијата тој рече дека до францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, доставил нацрт документ за Заедницата на српски општини а со што се запознати и претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел, како и американската страна.

-Формирањето на Заедницата на српски општини на Косово е клучот за конечно да се отвори вратата за меѓународна афирмација на Република Косово и нејзиното признавање од сите, нејзиното членство во Обединетите нации и сите меѓународни форуми и меѓусебно признавање со Србија, смета тој.

Според него се работи за многу доверлив документ.

-Документот несомнено не претендира да биде идеално решение, но ве уверувам дека е документ од највисоко меѓународно ниво кој ги зема предвид сите причини за создавањето на асоцијацијата и дефинитивно зема предвид дека заедницата е дел од организацијата на животот во Република Косово со адресирање на сите препораки или заклучоци на Уставниот суд на Косово, посочи Рама.

Според него за Косово е од витално значење да излезе од овој ќорсокак и дефинитивно да го финализира процесот кој овозможува „меѓусебно признавање и конечно ослободување на Косово дури и од пречките од правна природа во однос на дел од Европа и светот што го прави со непризнавањето како република“.

За Рама најголема опасност за Косово е заладувањето на односите со сојузниците, а не со Србија, за што цел свет го обвинува Албин Курти, премиерот на Косово.

-Јас не го напаѓам Албин Курти. Целиот демократски свет Албин Курти го обвинува по име и презиме, а тоа само ми предизвикува жалење, бидејќи не гледам зошто тоа треба да се случи. Јас не сум тука ниту да му судам на Албин Курти, а уште помалку да го нападнам Курти. Денеска не е во прашање судбината на Албин Курти, туку судбината на Република Косово, додаде Рама.

На прашањето дали Курти може да биде прогласен за нон грата од САД, за што деновиве се зборува, Рама рече дека „воопшто не навлегува во тоа прашање бидејќи ова нема

посебна важност дали е вистина или не, се додека не биде јавна изјава“.

-Тоа се документи кои циркулираат непотврдени, но не и демантирани, но не е судбината на Албин Курти во прашање денес, тоа е судбината на Република Косово во целина и секако дека сакам само успех за Албин Курти, Владата на Косово, Република Косово и ништо друго, но не можам повеќе да седам и да гледам во услови кога во реалноста тоа што го гледам мора да го споделам со сите бидејќи тоа е многу голема закана што не доаѓа кон Косово од Србија, туку доаѓа од заладувањето на односите со сојузниците на ниво каде што голем губитник е Косово. Ова е моја грижа, посочи тој.

Според него Србија го прави она што го направила многупати досега, додека Косово прави нешто што никогаш досега не го направило и како никогаш досега е универзално обвинувано од сите стратешки сојузници на албанската нација.

Зачлени се на нашиот е-билтен