Албанскиот премиер Еди Рама денес изјави дека судбината на протестот на Демократската партија на Албанија, кој се одржа вчера, а во кој беа повредени 21 лице, од кои 19 полицајци, ќе биде испишана на изборите следната година со уште поголем пораз од претходните.
На својот профил на мрежата „Икс“, тој реагираше на антивладините протести организирани од опозициската Демократска партија Сали Берише и објави фотографии од молотови коктели што ги користеа демонстрантите.
Во исто време, тој повика на правда да ги казни луѓето што употребија, како што рече, оружје со смртоносна сила што ги нападна, запали и повреди полицајците во вторник вечерта, од страната, како што рече, на единствената политичка партија во демократскиот свет што практикува насилство.
„Се надевам дека правдата ќе ги задоволи повредените полицајци и без двоумење ќе ги казни носителите на ова оружје со смртоносна сила. Што се однесува до политичката судбина на овој нов циклус улични немири, таа ќе биде напишана како и обично на изборите следната година со уште попримерен пораз од претходните, додека ние ќе го продолжиме нашиот пат кон Албанија 2030 во Европската Унија со несмалена сила“, рече Рама, според албанскиот „Јуроњуз“.
Во Тирана, во вторник се одржаа протести на опозицијата, за време на кои опозицијата побара оставка од вицепремиерката Белинда Балуку поради наводна корупција, а собраните граѓани фрлаа молотови коктели врз зградата на албанската влада.
Пред зградата на владата, лидерот на една фракција на Демократската партија, Саљи Бериша, им се обрати, а некои учесници фрлија молотови коктели и ја запалија зградата, предизвикувајќи полицијата да употреби водени топови.