Здружението на музичари од Северна Грција ја поддржува „Банда Ентопика“. Слободата на изразување е неотуѓиво право од највисок интерес.
Ова се истакнува во соопштението на Управниот одбор на Здружението на музичарите на Северна Грција.
Грчките музичари го осудуваат неприфатливиот потег на градоначалникот на Лерин, Василис Јанакис, кој го прекина концертот на „Банда Ентопика“.
„Неприфатливо е во наше време да има луѓе кои ги навредуваат музичарите со вулгарни зборови, прекинуваат концерти и затвораат музичари, со слоганот „Јас плаќам“. Овој менталитет не постои дури ни во најлошите куќички за кучиња“, се нагласува во соопштението. ”Смешното оправдување дека пееле словенски песни докажува апсолутен недостаток на историско знаење и културно ниво на градоначалникот“.
- Во Флорина/Лерин прекината македонска песна на „Денот на огновите“
- Замолчена македонската песна во Леринско
Од Здружението на грчките музичари порачуваат дека музиката само нè зближува.
„Границите издлабени од меѓудржавни услови по војните можеби ги дефинирале границите на државите, но тие никогаш нема да ги дефинираат границите на музиката и културата на луѓето, ниту пак моралот и обичаите. Истата музика се свири во Тракија на двата брега на Ебро, се слуша кларинет и се танцува цамика и во Епир и во Албанија“, оценуваат грчките музичари.
Истото се случува и на границата со Северна Македонија и Бугарија, истото се случува низ целиот свет, се наведува во соопштението.
„Правото на самоопределување, особено преку уметноста, е неотуѓиво и непреговарачко човеково право.
Јасно сме на страната на „Банда Ентопика“ и им стоиме на располагање за каква било институционална или правна поддршка“, порачуваат од Здружението на музичарите на Северна Грција.
Од ЗМСГ го повикаа општинскиот совет на Општина Лерин да заземе став и веднаш да им се извини на музичарите од бендот.