Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Реакција на бугарско МНР: Северна Македонија им зададе сериозен удар на билатералните односи

Неприфатливо е однесувањето на властите во Република Северна Македонија кон бугарските граѓани на денешниот 4 февруари, кога се одбележуваат 151 година од раѓањето на Гоце Делчев. Денешните постапки на властите во Северна Македонија сериозно го нарушија процесот на враќање на довербата меѓу двете земји, се наведува во реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи за денешното одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Република Бугарија во периодот по 1991 година постојано демонстрираше искрена желба за развој на добрососедски односи со Република Северна Македонија. По потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во 2017 година, беше воспоставена практика за заедничко одбележување на историските личности од нашата заедничка историја, како што е без сомнение Георги (Гоце) Николов Делчев. За жал, прославата на 151-годишнината од неговото раѓање не придонесе за надградување на билатералните односи меѓу Софија и Скопје. Со длабоко жалење констатираме дека 4 февруари 2023 година ќе влезе во историјата како датум на кој властите во Северна Македонија, од крајно неубедливи причини и кршејќи ги претходно дадените гаранции, не дозволија оддавање почит кон делото и животот на Делчев од страна на бугарски државјани. Министерството за надворешни работи го оценија денешниот однос на властите во Северна Македонија како понижувачки и неприфатлив кон бугарскиот народ и кон Република Бугарија, се додава во соопштението.

Ваквите дејствија, како што се наведува, Софија ги смета како неисполнување на обврската да се обезбеди непречен пристап за сите добронамерни граѓани кои сакаат да му одадат почит на големиот револуционер.

Денешните постапки на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во сложена ситуација иницираше процес на деескалација и на вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој токму за оваа цел го посети Скопје на 30 јануари годинава, како и неговата денешна посета, пишува во соопштението.

Според информацијата со која досега располага бугарското Министерството за надворешни работи, е дека на граничните премини од македонска страна на бугарските граѓани со часови не им се дозволувал влез на територијата на Северна Македонија поради аргументи од техничка природа. Потоа, како што се наведува, некои од бугарските граѓани добиле официјални одбивања да влезат на територијата на Северна Македонија, додека други се вратиле поради долгите часови на чекање.

Се посочува дека меѓу засегнатите со овие рестриктивни мерки има и новинари, против кои се употребени основите на „закана по јавниот ред, националната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи на Република Северна Македонија“. Има информации за насилство од страна на граничните власти на Северна Македонија. Истовремено, во Скопје беше направен крајно изненадувачки, но неуспешен обид да се ограничи бројот на членовите на бугарската официјална делегација за време на нејзината посета во црквата Св. Спас.

Бугарскиот министер за надворешни работи разговарал со амбасадорката на Северна Македонија во Софија Агнеса Руси со барање за враќање на слободата на движење.

Истото прашање повеќе пати беше покренато во Скопје од страна на вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев. Уште еднаш констатиравме дека изјавите и уверувањата што ги добивме од претставниците на властите во Северна Македонија не одговараа на ситуацијата на терен. Овој пристап на никаков начин не придонесува за конструктивен и добронамерен дијалог, посочуваат од бугарското МНР.

Во врска со објавите во медиумите за приведени бугарски државјани, Амбасадата на Република Бугарија во Скопје официјално се обрати до локалните власти со барање за дополнителни информации, иако таквите информации требаше веднаш да бидат испратени од властите во Северна Македонија. Се очекува да им се суди по брза постапка.

Министерството за надворешни работи во Софија апелира до бугарски граѓани кои писмено биле одбиени да влезат на територијата на Северна Македонија да го информираат Министерството со цел да ги преземе потребните дејства преку дипломатски канали и да ги информираат меѓународни партнери.

Потсетуваме дека слободното движење на луѓето е еден од главните принципи на функционирањето на ЕУ. Дополнително, тоа е конкретна мерка за зајакнување на добрососедските односи. Доколку е потребно, Бугарија е подготвена да обезбеди техничка помош за да се гарантира непречено функционирање на граничниот премин. За воспоставување добрососедски односи потребни се најмалку двајца искрени партнери. Сè потешко е да се препознае во однесувањето на властите во Скопје вистинска желба да се изгради довербата, пријателството и соработката неопходни за ова, се нагласува во денешната реакција на бугарското МНР за чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев.

Print Friendly, PDF & Email
Tags: билатерални односи

Најново