Лидерите на земјите-членки на Европската унија на претстојниот самит ќе повикаат на итна деескалација на ситуацијата на северот на Косово, јави Радио Слободна Европа.
На самитот на 29 и 30 јуни лидерите ќе разговараат за тензиите меѓу Белград и Приштина и треба да донесат заклучоци.
Според нацрт-заклучоците, до кои РСЕ имаше пристап, 27 шефови на држави и влади на ЕУ ќе ги осудат насилните инциденти во северниот дел од Косово и ќе повикаат на итна деескалација на ситуацијата, врз основа на предлогот презентиран од Унијата.
„Како следен чекор, потребно е: продолжување на дијалогот со посредство на ЕУ и брзо спроведување на Договорот на патот кон нормализација меѓу Косово и Србија. Неуспехот да се деескалира тензиите ќе има негативни последици“, се наведува во нацрт-заклучоците што лидерите треба да ги усвојат на крајот на самитот.
За тензиите во Косово ќе се разговара и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на 26 јуни во Луксембург.