Русија ровари и за време на локалните избори во Косово

Русија ровари и за време на локалните избори во Косово. Медиумите RT Balkan и Sputnik Serbia – кои се поддржани од Кремљ, за време на кампањата за локалните избори во Косово, овие медиуми шират речиси идентична нарација како и за време на кампањата за парламентарните избори одржани на 9 февруари: Српската листа, најголемата партија на косовските Срби поддржана од Белград, е претставена како „бранител на интересите“ на српската заедница, додека косовските власти, од друга страна, се претставени како некој што врши екстремен притисок или „терор“ врз српската заедница со цел да ја протера, стои во анализата на Радио Слободна Европа.

Српските политички актери кои соработуваат со косовските власти овие медиуми се нарекуваат „предавници“.

На пример, веста со наслов „Уште еден напад врз српските симболи: Трибјун обоена во боите на српското знаме во Косовска Митровица“, објавена на RT Balkan на 8 октомври, всушност ја пренесува позицијата на кандидатот за градоначалник на Северна Митровица од Српската листа, Милан Радојевиќ.

Во неа се наведува дека српските симболи повторно биле „цел на вандали“, иако за тоа нема потврда од полицијата или од која било друга страна.

На 2 октомври, истиот медиум објави вест со наслов „Седница на Советот за безбедност на ОН за Косово и Метохија: Русија, од позиција на претседавач, ја брани Србија“ – во која се наведува дека Србија треба да го искористи руското претседателство бидејќи Москва цврсто стои зад Белград по прашањето на територијалниот интегритет, за разлика од западните земји.

А текстот, насловен „Овој пат никој не треба да задоцни за Косово и Метохија: Германска офанзива против српските училишта“, објавен на 21 септември, зборува за најавата за интеграција на српските здравствени и образовни институции, во која поранешниот германски амбасадор Јерн Роде е претставен како „албански дежурен бранител“.

Во еден дел, авторот на текстот ја подгрева атмосферата и наведува дека луѓето забораваат „фактот дека Косово и Метохија е дел од Србија, дека нема граници, нема две земји, туку само една, наречена Србија и која ја вклучува Автономната покраина Косово и Метохија“.

„Тие се особено загрижени поради фактот што српските студенти учат дека Адем Јашари бил терорист, убиен во антитерористичка операција на српските сили, како што се нарекува таканаречената ОВК со нејзиното вистинско име – терористичка организација, убијци и разбојници“, се вели во истиот текст.

Спутник Србија, исто така, испраќа слични пораки. Во своите вести од 8 октомври, ја објави пораката на Српската листа дека претстојните избори се најважни од 1999 година, бидејќи се брани „сè што е српско“.

Патем, овој медиум редовно ги следи изборните митинзи на Српската листа, кои испраќаат пораки дека е потребно единство, додека другите политички субјекти воопшто не се споменуваат.

Од дртуга страна ЕУ очекува слободен и транспарентен изборен процес, ослободен од надворешно мешање или манипулации.

Во последните денови, косовскиот претседател Вјоса Османи и премиерот Албин Курти тврдеа дека Србија се меша во изборите нудејќи работни места или финансиска помош на српската заедница.

Европската Унија не одговори на барањето на Радио Слободна Европа за коментар за овие обвинувања од страна на косовските функционери и дали имаат информации за какво било надворешно влијание врз гласачите пред локалните избори.

Сепак, портпарол на ЕУ изјави за јавниот радиодифузен сервис на Косово (РТК) дека „сите граѓани мора да можат да го остварат своето право на глас слободно, без надворешно мешање или манипулации“.

Тој потсети дека мисијата за набљудување на изборите на ЕУ во февруари утврдила дека имало надворешно влијание. Особено, набљудувачката мисија во својот извештај откри дека медиумите RT Balkan и Sputnik Serbia – кои се поддржани од Кремљ – објавија десетици статии за косовските избори за време на изборната кампања со „манипулативна содржина“ кон српската заедница.

Јета Лешај, истражувач во Косовскиот центар за безбедносни студии, за Радио Слободна Европа изјави дека овие руски медиуми дејствуваат како „креатори на агендата во моменти на политичка чувствителност како што се изборите, презентирајќи ги настаните низ призмата на виктимизација на српската заедница во Косово и непријателството на Западот кон Србија и Русија“.

Лешај, кој инаку го истражува влијанието на Русија врз земјите од Западен Балкан вели „иако Русија има мал квантитативен отпечаток во Косово, нејзиното квалитативно влијание врз обликувањето на јавниот дискурс и перцепциите, особено кај косовските Срби, е значајно“.

Зачлени се на нашиот е-билтен