Руски дрон го наруши романскиот воздушен простор

руски дрон го наруши романскиот воздушен простор

Романското Министерство за одбрана соопшти дека руски дрон го наруши романскиот воздушен простор за време на руски напад врз инфраструктурата во соседна Украина, објави АФП.

Инцидентот доаѓа откако Полска го осуди упадот на руски беспилотни летала во нејзиниот воздушен простор и ја повика Москва да избегнува понатамошни „провокации“.

Романија, членка на НАТО, имаше неколку случаи на паѓање остатоци од беспилотни летала на нејзина територија откако Москва ја нападна Украина, особено откако Русија ги засили нападите врз украинските пристаништа.

Земјата испрати два борбени авиони Ф-16 во доцните часови на 13 септември за да ја следи ситуацијата по нападите врз Украина, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Авионите „го пресретнале дронот во воздушниот простор на земјата“ и го следеле сè додека не „исчезнал од радарот“ во близина на селото Чилија Вече, се додава во соопштението.

Дронот „не летал над населени места и не претставувал непосредна закана за безбедноста на населението“, соопшти министерството.

Тимовите биле подготвени да бидат испратени „за да започнат со потрага по можни остатоци од авионот“.

Во февруари, горниот дом на романскиот парламент донесе закон што ѝ дозволува на земјата да соборува беспилотни летала што го нарушуваат нејзиниот воздушен простор.

Зачлени се на нашиот е-билтен