Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) го отвори првиот јавен повик „Rycognizing YPS“ за поддршка на младински иницијативи за мир и безбедност. Овој повик е прв од ваков вид на Западен Балкан, кадешто за првпат системски се става во фокус потенцијалот на младите во градењето одржлив мир, безбедност и доверба во локалните заедници.
Повикот е наменет за граѓански организации кои работат со и за млади, а ќе поддржи иновативни и конкретни иницијативи што ја оживуваат Агендата за млади, мир и безбедност на Обединетите Нации. Програмата е имплементирана од RYCO, со финансиска поддршка од Германското Сојузно Министерство за надворешни работи.
„Кога им даваме простор на младите, ние му даваме шанса на мирот да опстане. Со „Rycognizing YPS“ го отвораме патот за една нова реалност – Балкан во кој младите не се само сведоци на промени, туку двигатели на тие промени. Младите имаат право на безбедност, но уште поважно, имаат право да бидат креатори на безбедни заедници. Ова не е само проект. Ова е регионална заложба дека гласот на младите е суштински за секоја одлука што се носи за иднината. Кога младите од различни средини ќе почнат да се слушаат, тогаш регионот почнува да се менува. Тоа е вистинската трансформација. Не е доволно да зборуваме за мир – мора да го градиме заедно со младите. Нивниот глас не смее да биде дополнување, туку основа на секоја стратегија. Ги повикувам сите граѓански организации кои работат со и за младите да аплицираат и да го отвориме просторот за нивниот глас, нивната креативност и нивната визија“, вели Владимир Ѓорѓевски од RYCO.
Фокусот на повикот се иницијативи што одговараат на потребите на младите во петте столба: учество, заштита, превенција, партнерства, како и раздвојување и реинтеграција. Целта на овој повик е да се спречи насилство, да се создадат безбедни простори и младите меѓусебе да се поврзат наместо да се поделат.
Повикот е отворен до 9 мај 2025 година, а на 28 април во 12:00 часот ќе се одржи информативна сесија за сите заинтересирани организации.
Повеќе информации може да најдете на официјалната веб-страница на RYCO: https://www.rycowb.org/rycognizing-yps