САД и Кина повторно на преговарачка маса – трговски дијалог кој може да го промени светот

Овој викенд, американскиот министер за финансии Скот Бесент и главниот трговски преговарач Џејмисон Грир ќе се сретнат со економскиот стратег на Кина, Хе Лифенг, на неутрален терен – во Швајцарија. Ова е прв состанок на високо ниво меѓу двете најголеми светски економии од март наваму, кога американскиот сенатор Стив Дејнс се сретна со кинескиот премиер Ли Ќианг во Пекинг.

Бесент порача дека „царините во вакви размери се неодржливи“ и го оцени претстојниот состанок како шанса за почеток на деескалација на трговската тензија која со години ја потресува глобалната економија. „Економската безбедност денес е и прашање на национална безбедност“, изјави тој за Ројтерс. Од Пекинг, пак, пристигна воздржан одговор: „Делата зборуваат повеќе од зборовите.“

Финансиски пазари во очекување

Самиот факт дека повторно има директен дијалог помеѓу Вашингтон и Пекинг, доведе до промени на светските финансиски пазари. Нафтата поскапе, берзите реагираа различно, а доларот ослабе четврти ден по ред.

И додека глобалните берзи остануваат блиску до своите највисоки нивоа, европските берзи забележаа пад од околу 0,3% поради неизвесноста околу исходот на американско-кинеските разговори и одлуката на Федералните резерви за каматните стапки.

Иако не се очекуваат промени во каматната стапка на американската централна банка, инвеститорите будно го следат тонот на изјавите по состанокот, во надеж дека ќе добијат сигнал за идната монетарна политика.

Доларот под притисок, нафтата поскапува

Американскиот долар ослабе за 0,1% во однос на кошничка валути, продолжувајќи го надолниот тренд кој трае од крајот на март – пад од над 4%. Причина за тоа се растечките очекувања дека ФЕД нема дополнително да ги зголемува каматите. Еврата останува над границата од 1,13 долари, зајакната и од изборот на Фридрих Мерц за нов германски канцелар.

Во меѓувреме, цената на суровата нафта од типот Брент скокна за 1,3% и достигна 62,95 долари за барел, но сепак е околу 15% пониска во однос на крајот на март. Златото, пак, изгуби 1,3% од вредноста и падна за повеќе од 100 долари од минатомесечниот рекорд.

Кинески мерки за поддршка на економијата

Кинеската централна банка најави намалување на референтната каматна стапка за 10 базични поени, како и олеснување на обврзните резерви на банките за 50 поени. Целта е вбризгување дополнителна ликвидност во забавената економија. Сепак, инвеститорите сè уште се воздржани – очекуваат поагресивни фискални мерки и, пред сè, позитивен исход од преговорите со САД.

Регионалните валути, како кинескиот јуан и јужнокорејскиот вон, бележат благо слабеење. Индиската рупија исто така падна, а пак, пакистанските берзи се најдоа под притисок поради најострите судири со Индија во последните две децении.

Зачлени се на нашиот е-билтен