Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

САД воведе санкции против шефот на српска БИА

Директорот на српската разузнавачка агенција БИА и близок соработник на српскиот претседател Александар Вучиќ, Александар Вулин, се најде под американски санкции, објави N1.

Имено, САД го обвинуваат Вулин за вмешаност во организиран криминал и трговија со наркотици, дека злоупотребувајќи ја јавната функција му помогнал на трговецот со оружје Слободан Тешиќ, неговите илегални пратки оружје да можат слободно да се движат преку границите на Србија и дека на Русија и обезбедил „платформа за натамошно, малигно влијание врз регионот“.

Канцеларијата за контрола на странски имот при Министерството за финансии на САД објави дека вовела санкции против српски државјанин согласно извршниот налог (Е.О.) 14033. Во соопштението се наведува дека Александар Вулин е вклучен во транснационален организиран криминал, нелегални операции со наркотици и злоупотреба на јавна функција. Се додава дека Вулин одржувал „взаемно корисни односи со српскиот трговец со оружје Слободан Тешиќ“.

Како што се наведува, Вулин ги користел своите позиции за лична корист и ги користел своите јавни позиции за да ја поддржи Русија, олеснувајќи ги руските малигни активности кои ја деградираат безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и обезбедувајќи и на Русија платформа за дополнително влијание врз регионот. Вулин е актуелен директор на БИА, а претходно беше министер за одбрана и министер за внатрешни работи на Србија.

Со денешната одлука Александар Вулин се смета за одговорен за неговите коруптивни и дестабилизирачки дејствија кои исто така овозможија злонамерни активности на Русија во регионот, изјави Брајан Е. Нелсон од Министерството за финансии.

Согласно санкциите, се замрзнува имотот што Вулин можеби го има во САД и на граѓаните на САД, како и на американските компании и институции, но и на банките кои работат во САД, им е забрането да вршат трансакции поврзани со него.

Г. Т.

Најново