Сараево развива иновативни решенија во борбата за почист воздух

Загадувањето на воздухот во Босна и Херцеговина и понатаму претставува еден од најголемите еколошки предизвици во регионот. Иако последниве години има значителни подобрувања во мерењето и анализата на атмосферските процеси, експертите предупредуваат дека општеството сè уште недоволно сериозно се соочува со вистинските извори на загадување, растот на бројот на автомобили, неконтролираното согорување отпад во домаќинствата и дивата урбанизација, пренесува N1.

Професорот Аднан Машиќ, физичар на атмосфера и професор на Машинскиот факултет во Сараево, вели дека борбата против загадувањето е тешка бидејќи нови извори на загадувачи се појавуваат побрзо отколку што стручните напори можат да ги следат.

„Ако изолиравме стотина згради и ги направивме поенергетски ефикасни, во истиот период се појавија два до три пати повеќе бесправно изградени објекти. Истовремено се зголеми бројот на автомобили и метежот на улиците. Возилата што стојат во колони се најголемиот проблем, ние не можеме да ја надоместиме штетата што се создава на тој начин“, вели Машиќ.

Инoвации од Сараево: дронови и ласери во функција на науката

И покрај ограничените финансиски ресурси, истражувачите од Машинскиот факултет развиле сопствени технолошки решенија за следење на загадувањето.

„Современата технологија нуди можности кои порано беа незамисливи. Но врвната научна опрема е премногу скапа, па моравме сами да развиваме алтернативи. Некои од тие решенија изгледаа ризично, но се покажаа како полн погодок“, објаснува професорот.

Клучен напредок е постигнат со подобрувањето на мерната мрежа. Денес граѓаните имаат пристап до податоци за квалитетот на воздухот во реално време.

„Додека хемичарите го анализираа составот на загадувањето, ние се фокусиравме на ’саревскиот базен‘, температурната инверзија во котлината. Иако повеќе децении се зборува за тоа, вистинските научни податоци беа ограничени“, додава Машиќ.

Тимот започнал да користи дронови за мерење на атмосферските слоеви и инструменти поставени долж трасата на сараевската жичарница. Ласерските сензори овозможиле високорезолуциски мерења на локации кои претходно не биле покриени.

Технологијата од Сараево се користи и во Зеница

Институтските решенија веќе се применуваат во други градови. Зеница, симбол за тешко загадување, ја презела сараевската технологија за дронско мерење на квалитетот на воздухот.

„Од 2025 година развиваме дронови за мерење, во време кога ваквите методи беа реткост. Направивме стотици сондажни летови и добивме прецизни профили на инверзијата. Денес Зеница ја користи нашата технологија“, вели Машиќ.

Европските искуства: непопуларни, но нужни мерки

Машиќ нагласува дека решенијата во голем број европски градови вклучуваат ограничувања кои често се политички непопуларни.

„Во град во котлина, бројот на автомобили не може да расте до бескрај. Во еден момент мора да се воведат рестрикции. Во Милано имаше жесток отпор, дури и бунтови, но мерките сепак беа воведени“, објаснува тој.

„Гориме сè и сешто“ – најголемиот проблем останува во домаќинствата

И покрај бројните фактори, Машиќ смета дека најсериозен проблем остануваат домаќинствата.

„Автомобилите не се ни единствениот ни најголемиот проблем. Многу поголем проблем е тоа што секој може да гори што сака. Се гори буквално сè и тоа е причината зошто воздухот изгледа вака“, предупредува професорот.

Тој додава дека вистинската борба против загадувањето треба да започне со сериозна научна и општествена дебата, нешто што, според него, Босна и Херцеговина допрва треба да го развие.

Зачлени се на нашиот е-билтен