Савиќ: Ниедно турско дете во Црна Гора утрово не отиде на училиште, сведоци сме на хроника на раѓањето на фашизмот

Во интервју за порталот BUKA, црногорскиот политиколог Марко Савиќ изнесе сериозни предупредувања за состојбата во земјата по инцидентот што се случи на 25 октомври, кога државјани на Азербејџан и Турција со нож ранија 25-годишен маж во Подгорица. Инцидентот, според Савиќ, бил само „окидач“ што ја разгорел одамна присутната ксенофобија и исламофобија во црногорското општество.

„По овој немил настан, станавме сведоци на хрониката на раѓањето на фашизмот – и тоа пред нашите очи, преку прозорците и медиумите,“ изјави Савиќ.
Тој објасни дека ксенофобијата и исламофобијата во земјата веќе подолго време тлеат, а дека нападот само го поттикнал насобраниот гнев и страв. „Многумина ја изгубија способноста рационално да расудуваат, затоа што со години се хранат со наративот ‘ние и тие’, ‘нашите и нивните’, што е самата суштина на фашизмот“, нагласува тој.

„Владата создава атмосфера на поделби“

Савиќ остро ја критикува владата на Црна Гора, која според него придонесува за создавање на ваква атмосфера со тоа што не ги санкционира говорот на омраза и историскиот ревизионизам.
„Кога државата не реагира на јавни изјави на функционери кои величаат насилство или наградува луѓе што проповедаат омраза, таа директно го легитимира фашизмот,“ предупредува Савиќ.

Тој додава дека неказнивоста станала правило, а државата ја губи контролата над јавниот ред и безбедноста. „Системот е нефункционален — истиот оној што затаи во масовните убиства на Цетиње, во борбата против семејното насилство и фемицидот, и во случаите на врсничко насилство,“ рече Савиќ.

„Насилството стана прифатливо“

Политикологот смета дека насилството сега се доживува како прифатливо средство за решавање конфликти.
„Од прв човек на парламентот слушаме дека некој што украл службено возило и пукал во луѓе е ‘добар момак’. Така се создава клима во која граѓаните мислат дека можат самите да ја делат правдата,“ вели Савиќ.

Тој предупредува дека владините реакции се импулсивни и неосновани, како што било воведувањето визи за турските државјани. „Тоа е политичка импровизација – наместо систем, имаме ‘PAF-PAF’ методологија, каде кризите се решаваат преку колено,“ изјави тој.

„Граѓаните не треба да го казнуваат колективот“

Савиќ нагласува дека не постои оправдување за колективна вина:
„Ни едно кривично дело, па дури ни геноцид, не може да биде основа за да се осудува цел народ. Говориме за индивидуална одговорност, а не за колективна казна,“ истакна тој.

Според него, властите требало побрзо да реагираат и да ја информираат јавноста за апсењето и мотивите на сторителите, за да се спречат уличните протести и насилните испади.

„Нема никакво оправдување за вакви изливи на бес, за народни патроли по примерот на оние во Србија,“ предупредува Савиќ.
Тој истакна дека пораките како „Турци надвор“ и „Убиј Турчина“ покажуваат длабока националистичка и шовинистичка матрица, која ја разјадува државата одвнатре.

„Не протестираме кога жените бараат заштита од насилство, кога се случуваат фемициди или кога децата се жртви на врсничко насилство. Но се бунтуваме кога ќе видиме човек со друга вера или потекло. Тоа е врв на лицемерието,“ изјави Савиќ.

„Ниедно турско дете не отиде во училиште“

Савиќ откри дека многу турски државјани ја напуштиле Подгорица по последните случувања, а ниедно турско дете утрово не присуствувало на настава. Некои компании, според него, отпуштиле турски работници од страв дека нивното присуство ќе предизвика напади врз бизнисите.

„Тоа е тешка ситуација која државата мора веднаш да ја реши. Владата, полицијата и медиумите се одговорни за оваа клима на страв и омраза,“ рече тој.

Савиќ предупредува дека укинувањето на безвизниот режим со Турција може да доведе до реципроцитет од Анкара и да го загрози здравствениот туризам и економските односи меѓу двете земји.

„Црна Гора има обврска да ги усогласи своите политики со ЕУ, но вакви потези не треба да се носат импулсивно, особено кога постојат длабоки културни и дипломатски врски,“ заклучи тој.

Савиќ апелира на вклучување на меѓународната заедница и на турските власти за смирување на ситуацијата и предупредува дека Црна Гора, „длабоко навлезена во десниот спектар“, мора итно да се соочи со опасноста од радикализација и распад на општествените вредности.

Зачлени се на нашиот е-билтен