Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Седница на Соборот на СПЦ – теми Косово и македонското прашање

Со богослужба во белградската црква Свети Сава денеска почнува седницата на Соборот на Српската православна црква (СПЦ), нејзиното најважно тело, на која покрај темата за Косово, што е редовна на ваквите собири, се очекува да се разгледа и македонското прашање, објави агенцијата Бета.

Работниот дел од седницата почнува утре во криптата на храмот, а пракса е да се заседава зад затворени врати. Во краткото официјално соопштение на СПЦ не се споменуваат темите на седниците, освен поднесувањето извештаи од епархиите и црковните тела, но Косово е редовно тема на тие средби, што се очекува и сега.

Според српската агенција, „македонското прашање секако ќе се најде пред патријархот и пред епископите. На минатиот Собор беше одлучено Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) да добие „томос“ за автокефалност, со што се надмина спорот кој настана кога таа неканонски се оддели од Српската црква, и од автономен премина во целосно независен статус“.

Бидејќи Соборот е надлежен за најважните одлуки, можно е да соопшти што се случува со Православната Охридска Архиепископија (ПОА) формирана како автономна во рамките на Српската црква, што беше одговор на долгогодишното одбивање на МПЦ да се врати во таков статус, соопшти Бета.

Во пресрет на седницата на Соборот, како што дознава Бета, во Белград престојувала делегација на МПЦ и во Патријаршиската палата разговарала со патријархот Порфирије. Официјално соопштение од средбата нема, но опцијата која претходно се споменуваше е ПОА да се интегрира во МПЦ.

Зачлени се на нашиот е-билтен