Коалицискиот партнер на Мицкоски повторно на погрешната страна, ја поддржа изолираната опозиција во Тирана

Парламентарните избори во Албанија кои се очекува да го продлабочат судирот меѓу власта и опозицијата, градоначалникот на Тетово Билал Касами – коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ – испраќа јасен политички сигнал. Наместо поддршка за стабилност, институции и регионална соработка, тој се позиционира на страната на опозициската Демократска партија (ДП), која е длабоко поделена и обременета со контроверзното наследство на Сали Бериша – поранешен премиер и претседател на Албанија, санкциониран од САД и Западот за корупција и авторитаризам.

Касами, кој доаѓа од редовите на Беса, партија која во последниве избори му обезбеди поддршка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, објави дека престојува во Тирана каде што заедно со кандидатката на ДП, Јорида Табаку, остварувал средби со граѓани. Во видео-порака поставена на социјалните мрежи, тој отворено ја поддржа Демократската партија, испраќајќи порака дека „Тирана е центарот кон кој сме ориентирани ние, Албанците, без оглед што сме надвор од политичките граници на Албанија“. Победата на ДП, според него, ќе значела „двојна надеж – и за Албанија и за Албанците во Северна Македонија“,  објави информативниот портал на албански јазик „Алфакс“ од Скопје.

Поддршката за ДП, во која водечка улога има Бериша, може да се прочита како свесен избор да се застане на страната на ретроградните, евроизолирани и често антиевропски струи во албанската политика.

Демократската партија на Албанија е длабоко поделена помеѓу умерениот блок и фракцијата предводена од Сали Бериша – човекот кој со децении доминираше во албанската политика, но е обвинет за корупција, злоупотреба на моќта и спречување на институционалните реформи. Бериша е под американски санкции, а Европската народна партија (ЕПП), чиј дел е и ВМРО-ДПМНЕ, одамна ја дистанцираше својата поддршка од неговиот табор.

Во октомври 2024, 30 пратеници од ДП блиски до Бериша организираа протест пред Европскиот парламент во Стразбур, облечени во маици со натписот „Ослободете го Бериша“. Тие ја обвинија владата на Еди Рама дека го „уништила уставот“, а Албанија ја нарекоа „наркодржава“. Акцијата имаше за цел да ја прикаже нивната земја како заробена од диктатура – наратив кој сè помалку наоѓа поддршка во европските институции, каде што Бериша и неговиот стил на владеење се гледаат како минато што мора да се надмине.

Во исто време, европратениците се сретнаа со делегацијата од ДП, но одговорите беа воздржани – европските партнери не сакаат да бидат вклучени во внатрешнопартиските борби во Албанија, особено кога тие се водени од политичари со дискредитирано минато.

Со оваа ситуација, коалицискиот партнер на Мицкоски – Касами – директно се позиционира на страната на опозицијата во Албанија која не ужива доверба кај меѓународните актери. Тоа не е само внатрешнополитички сигнал, туку и надворешнополитичка порака. Поддршката за Бериша и неговите луѓе значи оддалечување од реформските и проевропските сили во регионот. Истовремено, создава раздор со официјална Тирана, која е еден од најважните партнери на Скопје кога станува збор за евроинтеграциите и стабилноста на Западен Балкан.

За потсетување на маргините на конгресот на сестринските партии од Европската народна партија кој се одржа во април во Валенсија, Шпанија,Мицкоски имаше средба со Бериша и како што објави Мицкоски, на средбата биле разменети мислења за актуелните политички процеси во регионот, унапредување на соработката меѓу соседните народи, како и за предизвиците со кои се соочуваат демократските сили на Балканот и потребата од зацврстување на европските вредности и стабилноста.

Во ситуација кога Албанија и Северна Македонија имаат заеднички цели – влез во ЕУ, зајакнување на институциите, реформи и соработка – оваа асиметрија во политичките врски може да ги поткопа и регионалната динамика и билатералните односи. За една мала држава како Северна Македонија, одлуката да се врзе со поранешни авторитарци и изолирани политички табори е стратегија што води кон дипломатска маргинализација.

Зачлени се на нашиот е-билтен