За претстојната летна сезона во Хрватска на Јадранското Море, според проценките на надлежните хрватски институции, ќе бидат потребни околу 70.000 сезонски работници, што е за околу 5.000 повеќе од минатата година.
Голем дел од овие работници треба да доаѓаат од поранешните ју-републики, но најмногу од Босна и Херцеговина и Република Српска. Платите се главна мамка за работниците на крајбрежјето и се движат од 1.000 до 3.000 евра, во зависност од работното место.
Кога станува збор за најниските плати на крајбрежјето, келнерите можат да очекуваат помеѓу 1.200 и 1.600 евра месечно, додека шанкерите заработуваат помеѓу 1.400 и 1.600 евра. Рецепционерите имаат плати од околу 1.300 до 1.500 евра, додека работниците за одржување и мајсторите заработуваат помеѓу 1.100 и 1.300 евра. Во продажбата, платите се движат од 1.600 до 1.800 евра, велат работодавачите и синдикатите во РС.
На хрватското крајбрежје, најплатени се готвачите, кои можат да заработат до 3.000 евра месечно. Скара мајсторите заработуваат помеѓу 1.400 и 1.900 евра, додека пица мајсторите можат да имаат плата од 1.900 до 2.500 евра. Помошниците готвачи заработуваат помеѓу 1.400 и 1.800 евра, а помошниците кујнски работници од 900 до 1.400 евра.
Претседателот на Здружението на работодавачи во угостителството и туризмот на РС „Хоречка“, Далибор Шајиќ, предупредува дека Хрватска годинава издала повеќе од 550.000 работни дозволи за сезонски работници. Тој објаснува дека Хрватите сфатиле колку им се потребни работници, дека од тоа заработуваат пари и го полнат буџетот, па инвестирале во својот туризам.