Силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала утринава ги погоди јужните делови на Егејското Море, соопшти Американскиот геолошки институт (USGS).
Епицентарот на земјотресот се наоѓал во морето, околу 15 километри оддалечен од грчкиот остров Касос. Според првичните информации, нема пријавени жртви или материјална штета.
Потресот бил почувствуван и на блиските острови Кос, Родос и Крит, а некои извештаи наведуваат дека се почувствувал и во Египет, што зборува за неговата сила и длабочина.
На жителите на Родос и Касос им било упатено предупредување за можна опасност од цунами, иако засега нема информации за забележано подигнување на морското ниво.
Грција често се соочува со земјотреси, бидејќи се наоѓа на повеќе тектонски раседи во југоисточниот дел на Медитеранот, што ја прави една од сеизмички најактивните зони во Европа.