Силиконските масла веројатно се причината за силната експлозија и огнената топка што настанала по судирот на патничкиот и товарниот воз кај Темпи, во централна Грција, на крајот од февруари 2023 година, при што загинаа 57 лица. Ова го покажува нов експертски извештај подготвен по налог на истражниот судија што ја води истрагата за несреќата.
Извештајот го изработил професорот Димитрис Каронис од Универзитетот во Атина, кој своите заклучоци ги базира на анализи и податоци добиени од државната хемиска лабораторија. На 123 страници, тој детално ги разгледува околностите што довеле до формирањето на огнената топка, при што посебен фокус е ставен на силиконските масла.
Во извештајот се наведува дека силиконските масла под нормални услови не можат да создадат огнена топка, бидејќи се разгоруваат на температури повисоки од 330°C. Сепак, во услови на електричен лак со висок напон, формирањето на ваква огнена појава е можно. Имено, за време на несреќата биле забележани блесоци кои се припишуваат токму на електричен лак.
Професорот дополнително појаснува дека при пукањето на ѕидовите на трансформаторот на патничкиот вагон, единствениот што се запалил било ослободено не само масло, туку и гасови што произлегуваат од распаѓањето на силиконското масло. Меѓу нив, водородот и ацетиленот, кои имаат ниска минимална енергија за палење, широк опсег на запаливост и висока брзина на ширење на пламенот.
Во еден дел од извештајот се посочува и дека при судирот и последователниот пожар дошло до ширење на силиконско масло од трансформаторите на електричните возови, а дел од тоа масло, поради високите температури, учествувало во развојот на пожарот.
Несреќата кај Темпи се случи на 28 февруари 2023 година, кога патнички и товарен воз се судрија додека се движеле на иста пруга во спротивна насока, при што загинаа 57 лица.