Симпатизери на Вучиќ нападнаа словачка заедница, опозицијата го критикува Фицо за пасивност

Словачкиот премиер Роберт Фицо се најде под остра критика на опозицијата поради наводното игнорирање на нападот врз словачката заедница во Србија од страна на приврзаниците на претседателот Александар Вучиќ, јавува Politico.

Инцидентот се случи неодамна во Бачки Петровац, град на северот на Србија каде живее најголемата словачка заедница во земјата. Таму беше поставена изложба на фотографии за повеќемесечните протести против власта во Србија. Изложбата прво беше вандализирана, а потоа следеше и физички напад врз организаторите од страна на симпатизери на српскиот претседател.

Челникот на опозициската партија Progresívne Slovensko, Михаел Шимечка, го обвини кабинетот на Фицо дека не ги заштитил правата на словачката заедница. „Словачките граѓани во Србија се целосно оставени на милост и немилост на локалните насилници. Никој не им помага, никој од нашата влада не застана во нивна одбрана, не повика српски амбасадор – ништо“, напиша Шимечка на Facebook, повикувајќи на итна реакција од Фицо и министерот за надворешни работи, Јурај Бланар.

Фицо, пак, на прес-конференција ја обвини опозицијата дека се меша во внатрешните работи на Србија и дека сака да ја дестабилизира земјата. „Ова е исклучиво суверено прашање на Србија, но опозицијата ја користи ситуацијата за да ја поддржи српската опозиција и да воведе ‘мајданизација’ од Србија во Словачка“, рече Фицо.

 Протести во Србија започнаа во ноември минатата година поради уривањето на кровот на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, и од тогаш се развија во најголем протестен движење во современата историја на Србија.

Зачлени се на нашиот е-билтен