Скандал со меѓународни размери на повидок: Милано доби пријава против Вучиќ за пукање врз цивили во Сараево?

Од Фејсбук страницата на претседателот на Србија Александар Вучиќ

Хрватскиот истражувачки новинар Домогој Маргетиќ поднел пријава до Јавното обвинителство во Милано во врска со случајот „Сараево сафари“, барајќи италијанските власти да ја прошируваат истрагата за наводното учество на странци кои за време на опсадата на Сараево плаќале да пукаат врз цивили, пренесува Klix.ba.

Во пријавата, која се однесува на актуелниот претседател на Србија Александар Вучиќ, Маргетиќ се наведува дека „денешниот претседател на Србија во 1992 и 1993 година бил нелегален воен доброволец во Сараево“. Според него, Вучиќ бил дел од „злогласен и злосторнички доброволен и паравоен одред под контрола на Српската радикална странка“, со кој командувал Славко Алексиќ.

Како доказ, Маргетиќ се повикува на искази дадени во Хашкиот трибунал од страна на Војислав Шешељ и неговиот правен тим, кои тврделе дека Вучиќ престојувал како доброволец на позициите кај Еврејските гробишта во Сараево во периодот 1992–1993 година.

Во пријавата се истакнува дека токму оваа локација била дел од мрачната „туристичка понуда“ позната како „Сараево сафари“, во која, според обвинувањата, богати странски државјани меѓу нив и Италијанци плаќале за да пукаат кон цивили, вклучително и кон деца.

Инаку, Обвинителството во Милано веќе отвори истрага по пријавата на италијанскиот новинар Ецио Гавацени, кој прв го обелодени тврдењето дека странци им плаќале на припадниците на босанско-српските сили за да изведуваат т.н. „снајперски туризам“. За овие наводи претходно известуваше и агенцијата Reuters.

Зачлени се на нашиот е-билтен