Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Следниот Самит на Берлинскиот процес во Тирана на 16 октомври

На 16 октомври Тирана ќе биде домаќин на следниот самит на Берлинскиот процес. Веста ја соопшти германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес-конференција во Берлин, со албанскиот премиер Еди Рама, јави Топ чанел.

Тој додаде дека Западен Балкан и неговата интеграција во Европската унија се многу важни.

„Во многу наврати го свртев вниманието на фактот дека ова е една од големите задачи што Европа мора да ги исполни сега. Западен Балкан е дел од Европа и дел од европското семејство. Затоа, мило ми е што следниот Самит на Берлинскиот процес ќе се одржи на 16 октомври во Албанија. На овој начин, Самитот на Берлинскиот процес за првпат во речиси 10-годишната историја на процесот да се организира во главниот град на една земја од Западен Балкан“, рече Шолц.

Рама го изрази своето задоволство, што Тирана е избрана за место за одржување на самитот на Берлинскиот процес.

„Драго ми е што можеме да го објавиме и датумот, 16 октомври годинава, кога во Тирана ќе се одржи Самитот на Берлинскиот процес. Овој самит ќе го продолжи продлабочувањето на процесот, ќе се занимава со балансот на постигнувањата, со целите што треба да се постигнат понатаму и ќе ја зајакне соработката во регионот“, рече Рама, нарекувајќи ја Германија како „внимателен сопатник“.

Во однос на француско-германскиот план за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, Рама посочи дека силно го поддржува мировниот план, кој според него, ја носи потребната и долгоочекувана нормализација кон која двете страни мора да се однесуваат сериозно и со потребна храброст.

„Разговаравме и за регионот, силно го поддржуваме планот за мир и нормализација меѓу Косово и Србија. Според нас, тоа е многу суштински и реален план, кој ја носи потребната и долгоочекувана нормализација кон која двете страни мора да се однесуваат сериозно и со потребна храброст“, рече меѓу другото тој.

Премиерот Рама ја презеде улогата на домаќин на Самитот на Берлинскиот процес на 3 ноември минатата година.

Тирана, инаку, на 6 декември минатата година беше домаќин на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што за првпат ваква средба одржана надвор од границите на ЕУ, на кој учествуваа лидери и делегации од 44 држави.

Албанската делегација денеска ќе се сретне и со високи претставници на германскиот бизнис, а премиерот Рама ќе го посети и Меѓународниот саем за туризам, кој секоја година пречекува околу 10.000 изложувачи од повеќе од 180 земји, меѓу кои ќе биде и албанскиот штанд.

Зачлени се на нашиот е-билтен